Филипче вели дека тешко е да се каже причината за одливот на кадарот. Смета дека дел од медицинските лица се преморени од борбата со ковид-19, а дел, како што вели, имаат свои причини
Докторка инфектолог на Инфективната клиника во Скопје си дала отказ од работа и планира да замине да работи во приватна болница. Клиниката ја напуштаат и трите медицински сестри, кои министерот Венко Филипче на состанок се обидуваше да ги убеди да се вратат на работа.
Отказ најавила и шефицата на ковид-центарот во болницата „8 Септември“.
Информациите за одливот на кадарот ги потврди Филипче на прес-конференција и рече дека тешко е да се каже кои се причините. Вели дека дел од медицинските лица се преморени од борбата со ковид-19, а дел, како што рече, имаат свои причини.
„Јас разговарав со неа, но таа е решена да замине. Во „8 Септември“ има други двајца инфектолози, размислуваме и веќе разговаравме за начинот на кој ќе се зајакне тоа одделение. Засега заедно со интернистите, имајќи го во предвид овој број на пациенти кој што е хоспитализиран таму, и нашиот план да не се зголемува тој број, овие доктори се сосема доволни. Но, спремни сме да интервенираме со системот на ротација доколку е потребно било кое одделение да се поддржи“,
рече Филипче.
Главната медицинска сестра на Инфективната клиника и уште две колешки доставија откази на крајот од септември, а Филипче ги свика на состанок за да ги убеди да останат.
После средбата, тој рече дека сестрите ќе одат на одмор, па повторно ќе разговараат за нивно враќање на Инфективната клиника, но како што изјави министерот денеска, тие сепак се одлучиле да ја напуштат клиниката.
„На нашиот состанок иако тврдеа дека нема да заминат во приватна институција, ние искомунициравме уште еднаш за да сепак кажат дека планираат да ја напуштат Клиниката и согласно тоа други медицински сестри ќе ја преземе нивната функција“,
рече Филипче.
Министерот денеска уште еднаш посочи дека забрзано се полнат болничките капацитети за ковид-19 и апелираше да се почитуваат мерките.
Рече дека вчера немало слободно место во болниците во Куманово, Струмица и Велес и дека пациенти од овие градови биле испратени на Инфективната клиника во Скопје.
Засега, Филипче верува дека состојбата во болниците може да се менаџира, но посочи дека во последниот период поголем е бројот на пациенти кои се хоспитализираат, отколку на оние кои се отпуштаат од болница.