„Работата и задачите во тоа обвинителство постоеја и пред колешката Искра Хаџи Василева да дојде на чело на институцијата, постојат и сега, а ќе постојат и во иднина. Создавањето услови, мотивацијата кај јавните обвинители и атмосферата во која тие ќе работат зависат од првиот човек. Јас сум сигурен дека обвинителката со тие предизвици ќе се носи беспрекорно“, изјави државниот јавен обвнител во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на телевизија 21
Запрашан за работата на досегашниот прв човек на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, Савески оцени дека неговиот мандат поминал без институционални дамки
Државниот јавен обвинител Ненад Савески има целосна доверба во новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, оценувајќи дека таа успешно ќе одговори на предизвиците што ги носи раководењето со оваа институција.

Во вечерашното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Савески истакна дека обврските и задачите на ова обвинителство се континуирани и не зависат од персоналните промени, но нагласи дека улогата на првиот човек е пресудна за внатрешната динамика и ефикасноста на тимот.
„Работата и задачите пред тоа обвинителство постоеја и пред колешката Искра Хаџи Василева да дојде на чело на институцијата, постојат и сега, а ќе постојат и во иднина. Создавањето услови, мотивацијата кај јавните обвинители и атмосферата во која тие ќе работат зависат од првиот човек. Јас сум сигурен дека обвинителката со тие предизвици ќе се носи беспрекорно“,
изјави Савески.
Мандатот на Абази помина без институционални дамки, оценува државниот јавен обвинител
Запрашан за работата на досегашниот прв човек на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, Савески оцени дека неговиот мандат поминал без институционални дамки.
„Мандатот на колегата Ислам Абази не заврши со ниту една дисциплинска постапка, не заврши со некој скандал во работењето на тој јавен обвинител“,
кажа државниот јавен обвининител.
Инаку, пораката на поддршка од државниот јавен обвинител за Хаџи Василева доаѓа во истиот ден кога новоизбраната шефица на ОЈО ГОКК даде свечена изјава пред Советот на јавните обвинители, со што и официјално стапи на функцијата.
По свеченоста, таа пред медиумите најави дека фокусот на обвинителството ќе биде ставен врз поефикасен и директен кривичен прогон, со посебен акцент на предметите од јавен интерес. Бидејќи доаѓа од редовите на истото обвинителство, Хаџи Василева рече дека состојбите ѝ се познати и дека приоритетите веќе ѝ се дефинирани.
„Приоритетите се јасни – ефикасен кривичен прогон, целисходност во нашата работа и користење на ресурсите што ни се ставени на располагање. Знаете дека тие во одреден дел се ограничени, но борба за повеќе ресурси и користење на ова со кое располагаме, се разбира, со цел да постигнеме поуспешна работа“,
рече Хаџи Василева, додавајќи дека допрва ќе се запознава со менаџерските и административните аспекти кои не се дел од директната работа на предмети.
Запрашана за политичкиот и меѓународниот контекст во кој ја презема функцијата – односно фактот што Европската комисија во последниот извештај не нотираше напредок во борбата против корупцијата – новата шефица на ОЈО ГОКК посочи дека е целосно свесна за тежината на позицијата и одговорноста што произлегува од актуелниот момент и нивната законска задача.

Савески повикува на рационалност со притворите: Ние сме сиромашна држава
Инаку, државниот јавен обвинител интервјуто за „Клик Плус“ даде поширока слика за состојбите во Јавното обвинителство, признавајќи дека она што го затекнал по преземањето на функцијата, во смисла на кадровската екипираност, финансиите и воопшто условите за работа ги надминало неговите очекувања, кои и претходно не биле оптимистички.
„Знаев дека состојбата не е идеална, но тоа што го затекнав беше полошо од очекуваното“,
изјави Савески, посочувајќи дека зајакнувањето на капацитетите, поголемата ефикасност и враќањето на разнишаната доверба на граѓаните се меѓу најургентните приоритети.
Савески отвори и прашање кое ретко се слуша од врвот на обвинителската фела – потребата од преиспитување на практиката за определување и времетраење на мерката притвор, не само од аспект на човековите права, туку и поради финансискиот товар врз државната каса.
„Ние мора да се менуваме и да се соочиме со фактот дека можеби неосновано се определуваат притвори. Тоа можеби не е толку голем проблем колку што е проблем времетраењето на оваа мерка. Ние сме сиромашна држава и како систем, вклучително и јавните обвинители, треба да водиме сметка за трошоците што ги создаваме. Ако можеме да исполниме една цел со мерка што е поевтина и нема да го оптоварува буџетот, треба да размислуваме и на тоа“,
порача Савески, апелирајќи до обвинителите за поголема одговорност кон јавните средства.
Предистраги за функционери и случајот Алта банка
Во однос на постапувањето по предмети во кои се инволвирани носители на јавни функции, државниот обвинител потврди дека во моментов се активни и истраги и предистражни постапки, но потсети дека за предистрагите законот налага тајност. Тој децидно кажа дека од позицијата на која се наоѓа нема да штити никого доколку се обезбедат цврсти докази.
„Доколку имаме кривично-правен настан во којшто сторител е кој било, вклучително и актуелни функционери, и за тоа собереме цврсти, несоборливи докази, секако дека ќе има постапка“,
истакна Савески.
На прашањето за постапувањето на Обвинителството во врска со Алта банка и поднесените кривични пријави од Народната банка и од СДСМ, тој објасни дека секоја пријава оди на проверка кај надлежен обвинител, додека јавните повици за отворање предмети редовно се анализираат, но не секогаш резултираат со кривичен прогон.
„Ние таквите повици ги анализираме секогаш. Меѓутоа, не секогаш во она на што нè повикуваат гледаме дека постои основа за покренување постапка. Наше е да провериме, да истражиме, да собереме докази во секоја ситуација, вклучително и во оваа“,
додаде тој.
За одлуките на Врховниот суд
Савески не сакаше да ги коментира одлуките на Врховниот суд со кои беа укинати пресудите за трагедиите со „Дурмо турс“ и модуларната болница во Тетово, оценувајќи дека тоа би било надвор од неговите професионални стандарди.
„Врховниот суд, како во секое општество, така и во нашето, има апсолутен авторитет и ние сите мора да ги почитуваме одлуките на Врховниот суд. Особено ние, професионалците. Не би си дозволил никогаш да си земам за право да ги критикувам или коментирам“,
рече тој.
