При повторното постапување, второстепениот суд е должен да постапи по напатствија на Врховниот суд, односно да одлучува во границите на првостепената пресуда во оној дел во кој се побива во поднесените жалби, односно да направи целосна анализи на сите жалбени наводи, како и да внимава по службена должност во случаите кои се предвидени со закон, на кој начин ќе донесе правилна и законита одлука
Врховниот суд ја укина пресудата на Апелацискиот суд за случајот „Ласкарци“ бидејќи оценил дека Апелацискиот суд Скопје не дал доволно конкретни и целосни одговори на жалбите и не образложила доволно како се утврдува кривична одговорност на секој од осудените.
Ова е образложението на Врховниот суд откако пред една недела, ја укина пресудата на Апелацискиот суд Скопје за автобуската несреќа кај селото Ласкарци со која на дел од осудените им беа зголемени казните што Кривичниот суд им ги одреди со првостепената пресуда.
Предметот сега се враќа на Апелација на повторно одлучување.

„Со оглед на наведеното заклучокот на овој суд е дека Апелацискиот суд Скопје не дал одговор на сите жалбени наводи истакнати од сега осудените во поднесените жалби, кои како правен лек овозможуваат сеопфатна анализа и контрола на спроведената постапака пред првостепениот суд. Во првостепената пресуда според овој суд преовладува дескриптивниот пристап со извадоци од изведените докази, без притоа да се наведат причините за таквата констатација на судот. Постапувајќи по жалбите, второстепениот суд не дал одговор на таквите недостатоци, туку дава само воопштени одговори и констатации на жалбените наводи и прашања кои се од суштенствено значење за утврдување на кривично правната одговорност на осудените“,
се вели во пресудата на Врховен.
При повторното постапување, второстепениот суд е должен да постапи по напатствија на Врховниот суд.
„Да одлучува во границите на првостепената пресуда во оној дел во кој се побива во поднесените жалби, односно да направи целосна анализи на сите жалбени наводи, како и да внимава по службена должност во случаите кои се предвидени со закон, на кој начин ќе донесе правилна и законита одлука“,
пишува во пресудата на Врховен.
Од Кривичниот суд Скопје соопштија дека осудениот Јане Боваровски во предметот „Ласкарци“, согласно одлуката на Врховниот суд, се ослободува од понатамошно издржување на затворската казна до донесување нова судска одлука. Ова е единствениот осуден чија санкција му се извршува по упатен акт на Кривичен суд Скопје. Сите останати осудени се под надлежност на Основниот суд во Гостивар, согласно нивното место на живеење.
За потсетување, Апелацискиот суд Скопје во април 2025 година на дел од осудените за автобуската несреќа кај Ласкарци им ги зголеми затворските казни, кои Кривичниот суд им ги одреди со првостепената пресуда.
Меѓу обвинетите кои добија повисока казна беше Дурмиш Белули, сопственикот на фирмата „Дурмо турс“, чиј автобус излета од коловозот. Казната од четири години затвор, која Кривичен му ја изрече на Белули, Апелација ја зголеми повеќе од двојно, односно на 10 години.
На одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, кој претходно беше осуден на шест години затвори, Апелација му ја зголеми казната на 10 години.
Двајцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски, наместо првостепените пет, беа осудени на по седум години затвор.
Казните на третиот вработен во станицата за технички преглед Јане Боваровски и на возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, останаа исти – пет, односно 14 години казна затвор.
Со првостепената пресуда, која беше објавена во јануари 2024 година, обвинетите беа прогласени за виновни и добија вкупно 39 години затвор.
Автобуската несреќа се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобус на компанијата „Дурмо турс“ излета од автопатот во близина на селото Ласкарци, возејќи на редовна линија од Скопје кон Гостивар, при што загинаа 16 патници, а 38 беа повредени.
Судскиот процес започна истата година кога на обвинителна клупа седнаа газдата на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, управителот на фирмата, возачот на автобусот и уште три лица вработени во станицата за технички преглед каде што бил прегледуван автобусот, инаку, исто така во сопственост на Белули.
