Највисока казна од 14 години затвор Судот му изрече на возачот на автобусот на „Дурмо турс“, Мануел Трифуновски. Првообвинетиот Дурмиш Белули, сопственик на фирмата превозник доби 4 години затвор, додека одговорниот за транспорт во правниот субјект Ремзи Мифтари, како второобвинет, Судот му одреди казна од 6 години затвор. На тројцата обвинети, Игор Ѓеоргиевски, Горан Дуковски и Јане Бобаровски вработени и раководни лица во станицата за технички преглед, кој исто така бил во сопственост на фирмата на Белули, Судот им изрече казна од 5 години
На три недели од навршувањето на петгодишнината од трагичната несреќа кај селото Ласкарци и безмалку исто толку долгиот период во кој се водеше судскиот процес, Судот денеска ја изрече пресудата против шестемина обвинети.
Највисока казна од 14 години затвор Судот му изрече на возачот на автобусот на „Дурмо турс“, Мануел Трифуновски. Првообвинетиот Дурмиш Белули, сопственик и управител на фирмата превозник доби 4 години затвор, додека одговорниот за транспорт на правниот субјект Ремзи Мифтари, како второобвинет, Судот му одреди казна од 6 години затвор.
На тројцата обвинети, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Бобаровски, вработени и раководни лица во станицата за технички преглед, кој исто така бил во сопственост на фирмата на Белули, Судот им изрече казна од 5 години.
Покрај затворските казни, судот на обвинетите им изрече и забрана за вршење на професијата од 5 години за секого.

Пресудата ја изрече судијката Диана Груевска-Илиевска која претседаваше со судечкиот совет во предметот. Таа, откако ги прогласи за виновни и пред да ги соопшти казните, ги образложи дејствијата за кои се товареа секој од обвинетите.
Автобуската несреќа на која се однесува овој судски процес се случи на 13 февруари 2019 година и во неа загинаа 16 патници, а 38 беа повредени. Во попладневните часови на кобниот ден, автобус на компанијата „Дурмо турс“ излета од автопатот во близина на селото Ласкарци возејќи на редовна линија од Скопје кон Гостивар. Судскиот процес започна истата година, односно на 5 септември, кога на обвинителна клупа седнаа газдата на „Дурмо Турс“, Дурмиш Бејлули, управителот на фирмата, возачот на автобусот и уште три лица вработени во станицата за технички преглед каде што бил прегледуван автобусот, инаку, исто така во сопственост на Дурмиш Бејлули.
Изминатата година рочиштата во скопскиот Кривичен суд главно се водеа околу супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година, по барање на дел од обвинетите. Клучна причина беше тоа што вештачењето на Обвинителството покажува обид на возачот да кочи, додека одбраната на останатите обвинети покрај шоферот, го тврдеше спротивното. Супервештачењето беше готово по дури една година и два месеци, на 27 декември 2022 година, а дел од рочиштата на кое искази даваа вештите лица кои беа назначени од Бирото за судски вештачења се одвиваа во тензична атмосфера, а на супервештачењето свои забелешки имаа и обвинителство и одбраната, односно роднини на дел од настраданите.