Агенцијата „Франс прес“, пишува дека заканите за поставени бомби, испратени преку е-пошта до аеродромите во Рим и Софија, биле потпишани од „борци на машката држава“

Лажни дојави за бомби предизвикаа нарушувања на најмалку 25 летови низ Европа, при што некои авиони беа принудени да извршат итни слетувања.
Денешната серија предупредувања влијаела врз летови меѓу Италија, Ирска, Обединетото Кралство, Шпанија, Бугарија, Романија, Полска, Финска, Австрија, Данска, Белгија, Португалија, Франција, Грција, Србија и Чешка.
Сите авиони слетале безбедно, а при прегледите на леталата не било пронајдено ништо сомнително.
Овој бран лажни дојави следи по слични закани што беа упатени во вторникот, кога седум авиони низ Европа беа претресени или пренасочени поради злонамерни предупредувања. Во понеделникот, еден лет од Обединетото Кралство кон Бугарија беше пренасочен по закана за која се покажа дека е неоснована. Вкупно, оваа недела беа погодени околу 33 летови.
Истражителите велат дека сè уште нема докази оти лажните дојави се оркестрирани од непријателска терористичка група или државен актер, како што се Русија или Иран, иако истрагите за инцидентите низ Европа продолжуваат.
Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) ги осуди нарушувањата и ги повика надлежните органи да го откријат изворот на заканите.
„Безбедноста е приоритет број еден за индустријата и ние сериозно ги сфаќаме сите закани“, и
зјави Ник Карин, виш потпретседател на IATA за операции, безбедност и заштита.
Европскиот комесар за транспорт, Апостолос Ѕиѕикостас, изјави дека е прерано да се каже дали инцидентите се поврзани, но нагласи дека какви било закани насочени кон цивили се неприфатливи.
Агенцијата „Франс прес“, пишува дека заканите за поставени бомби, испратени преку е-пошта до аеродромите во Рим и Софија, биле потпишани од „борци на машката држава“.
„Сите вие сте соучесници во криминален заговор и поради тоа сакаме да ве уништиме. Ние, борците на ’Машката држава‘, со денешните постапки ќе оставиме трага во историјата. Вашиот феминистички режим ќе го памети ова засекогаш. Експлозијата ќе се случи за 60 минути. Денес вашето небо ќе стане црвено“,
се вели во пораката што компанијата „Рајанер“ ја добила за три лета од софискиот аеродром.
