Интервенциите, како што рече министерот, биле насочени главно кон шаките и рацете, со цел да се подобри и обнови нивната функционалност. Медицинските тимови извршиле отстранување и корекција на лузни, ослободување на контрактури, З-пластика и трансплантација на кожа со полна дебелина
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ги објави резултатите од посетата на хируршкиот тим од медицинскиот центар „Шеба“ од Тел Авив, чии членови заедно со македонските лекари извршиле 24 специјалистички прегледи и 16 операции на повредените во трагедијата во Кочани.
На денешната прес-конференцијата заедно со Клековски учествуваа и д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници при „Шеба“, д-р Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, директорка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Катерина Мирчовска, директорка на Општата болница во Кочани, како и д-р Гордана Георгиева од работната група на Министерството за здравство.

Интервенциите, како што рече министерот, биле насочени главно кон шаките и рацете, со цел да се подобри и обнови нивната функционалност.
Медицинските тимови извршиле отстранување и корекција на лузни, ослободување на контрактури, З-пластика и трансплантација на кожа со полна дебелина.
Клековски истакна дека грижата за повредените не завршува со болничкото лекување, туку продолжува преку дополнителни операции, редовни контроли и рехабилитација.
„Здравствените власти се тука на долги патеки. Грижата за повредените во Кочани не заврши со болничкото лекување. Таа продолжува со операции, контроли и рехабилитација. Им благодарам на колегите од медицинскиот центар ‘Шеба‘. Д-р Харац и д-р Канфино Кац беа со нас и веднаш по трагедијата, а сега се вратија за да продолжат да помагаат“,
кажа Клековски.
