Според извори на Си-ен-ен, веќе за следната недела се најавува гласање во Претставничкиот дом со кое Конгресот директно би го отпочнал процесот за негов импичмент
Дури и потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, отворено призна по изборите дека „војната е главната причина за поразот“, иако избегна да посочи конкретно име како виновник
По катастрофалниот изборен пораз на републиканците на среднорочните избори за Kонгресoт нa САД, во редовите на партијата започна потрага по причините за дебаклот и виновници, објави Си-ен-ен. Како главна причина за незадоволството од политиките на претседателот Доналд Трамп, поради која голем број од гласачите им го свртеа грбот на републиканците, се посочува војната со Иран. Според извори на американската телевизија, одлуката да се влезе во војна со Иран ја донесе претседателот Доналд Трамп, но политичкиот притисок сè посилно се насочува кон првиот човек на Пентагон – секретарот за одбрана Пит Хегсет.

Веќе за следната недела се најавува гласање во Претставничкиот дом со кое Конгресот директно би го отпочнал процесот за негов импичмент.
Според извори од републиканската партија кои говореле под услов да останат анонимни, Хегсет бил еден од главните заговорници за воената интервенција, уверувајќи ги Трамп и партискиот врв дека САД можат брзо и лесно да победат. Наместо тоа, конфликтот се претвори во долготрајна криза без јасна излезна стратегија, што ја продлабочи економската нестабилност во земјата и предизвика жесток револт кај гласачите.
„Секретарот за одбрана уште од самиот почеток или не бил искрен или немал точни информации за временските рамки, целите и задачите (за нападот и војната со Иран) – а ниту едното ниту другото е прифатливо“,
изјавил за Си-ен-ен републиканец близок до Белата куќа.
Дури и потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, отворено призна по изборите дека „војната е главната причина за поразот“, иако избегна да посочи конкретно име како виновник.
Иницијатива за импичмент во Претставничкиот дом
Политичкиот притисок не доаѓа само од демократите, туку и од самите републикански редови. Републиканскиот конгресмен Томас Маси од Кентаки најави дека веднаш по враќањето на Конгресот следната недела ќе покрене постапка за импичмент на Хегсет. Повеќе партиски извори потврдуваат дека иницијативата има реални шанси да помине во Домот.
Хегсет во Вашингтон се соочува со губење на довербата од Конгресот, каде тој низ години изгради лош однос со законодавците на Капитол Хил. Дополнително по преземањето на контролата врз Сенатот од страна на демократите по завчерашните меѓуизбори, ќе следат конгресни сослушувања. Во меѓувреме се засилуваат обвинувањата дека Хгесет ја поттикнувал ескалацијата на конфликтот со Иран, без да понуди план за дипломатски епилог.
Трамп засега му го чува грбот, но притисокот расте
И покрај тоа што соработниците на Трамп веќе го гледаат Хегсет како политички товар, самиот претседател засега не покажува знаци дека сака да го разреши. Според официјални лица од Белата куќа, Трамп му кажал на Хегсет дека го смета за „неговиот најдобар човек“ и го охрабрил да се бори против иницијативите за импичмент.
„Ако треба да донесам одлука повторно, пак би го направил истото,“
изјави Трамп во средата, бранејќи ја одлуката за воената кампања, додавајќи дека Хегсет „врши одлична работа“.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека со оглед на размерите на изборниот дебакл, прашање на време е кога Трамп ќе мора да жртвува висок функционер за да ги смири страстите во партијата и кај јавноста.
Пентагон: „Хегсет нема да се повлече“
Од Пентагон одговорија со остар тон на најавите за смена на Хегсет.
Портпаролот Шон Парнел изјави дека Хегсет нема да подлегне на, како што ги нарече, „лажни истраги и партиски игри“.
„Ќе продолжиме да ја спроведуваме агендата на претседателот Трамп во Министерството за војна. Секретарот Хегсет е 100 проценти посветен на раководењето со департманот до крајот на мандатот,“ стои во официјалното соопштение.
И покрај ваквите одлучни изјави, во Вашингтон сè погласно се шпекулира дека Хегсет веќе ги разгледува своите идни чекори – вклучително и евентуална кандидатура за јавна функција или драматично заминување, кое би му послужило како платформа за идни политички амбиции.
