Осврнувајќи се на областите во кои е потребен дополнителен напредок, Муцунски посочи дека реформата на правосудството и борбата против корупцијата не зависат исклучиво од извршната власт
Во однос на отворените прашања во европскиот процес, Муцунски нагласи дека секое решение треба да биде поврзано со јасно утврдени принципи и дека процесот не треба да се води со однапред поставени рокови

Извештајот на Европската комисија претставува објективен и реален преглед на состојбите во државата во однос на европската интеграција, смета министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
„Ако имаме еден поопшт поглед на содржината на Извештајот, прво што треба да кажеме е дека тој е објективен извештај којшто прави еден реален преглед на состојбите на државата наспроти европските интеграции“,
рече Муцунски во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител ТВ.
Тој посочи дека во повеќе области е регистриран напредок, додека во други останува потребата од дополнителна работа.
„Некаде е повидлив напредокот, некаде е помалку видлив и затоа јас велам ова е објективна анализа. Исто така, треба да нотираме согласно овој извештај онаму каде што не е доволно направено тоа да ни биде мотив за следната година тие области и тие институции да имаат подобри резултати“,
рече Муцунски.
Министерот смета дека не станува збор за критики, туку за насоки за тоа што треба да се направи за да се подобриме. Вели дека содржината на овој извештај е во наш интерес и не треба да го гледаме како испорака кон Европската Унија, туку како испорака кон граѓаните.
Тој нагласи дека во делот на надворешната, безбедносната и одбранбената политика државата веќе повеќе години по ред добива највисоки оценки и додаде дека станува збор не само за активностите на меѓународен план, туку и за стратегиска определба на државата.
„Не е само прашањето за она што го правиме на меѓународен план туку и стратешката определба на државата што во овој момент, а земајќи ја во предвид и геополитичката волатилност којашто постои е нешто што е највисок приоритет на Европската унија. Многу внимателно гледа на тие процеси“,
додаде министерот.
Осврнувајќи се на областите во кои е потребен дополнителен напредок, Муцунски посочи дека реформата на правосудството и борбата против корупцијата не зависат исклучиво од извршната власт.
„Не е прашањето само кои закони ќе ги донесеме како Влада, туку и како тие ќе се спроведуваат и какви конкретни резултати ќе испорачаат институциите, особено правосудниот систем во борбата против високата корупција“,
рече Муцунски.
Во однос на политичките оценки за Извештајот, тој повика фокусот да биде ставен на неговата содржина и на оценките на Европската Унија.
Говорејќи за политиката на проширување, министерот посочи дека позитивно се оценуваат новите механизми за постепена интеграција, пристапот заснован на заслуги и заложбите за намалување на билатерализацијата на процесот.
„Во нашата историја на европска интеграција сме слушнале многу охрабрувања и многупати сме зборувале за прозорци на можности. Сега очекуваме заедничка испорака. Не велиме дека само Европската Унија треба да испорача кон нас. И ние мораме активно да се вклучиме, да ги спроведуваме реформите и да обезбедиме предвидлива и сигурна рамка за нашиот евроинтеграциски пат“,
истакна Муцунски.
Во однос на отворените прашања во европскиот процес, Муцунски нагласи дека секое решение треба да биде поврзано со јасно утврдени принципи и дека процесот не треба да се води со однапред поставени рокови.
„Не сме ветиле дека ќе најдеме решение во рок од шест месеци или една година. Чекор по чекор работиме не само на подобрување туку и на враќање на дел од позициите кои претходно сме ги немале. Истовремено, не се откажуваме од европската интеграција. И нашите изјави и она што го правиме на дело се доказ за тоа“,
рече Муцунски.
Тој додаде дека при носењето одлуки мора да се земат предвид и можните последици и идните очекувања во процесот.
„Не сме подготвени лековерно или без размислување за последиците да влеземе во процес за кој имаме директно пренесени информации дека по еден чекор ќе следуваат и други очекувања. Не се лесни овие процеси и тие траат долго“,
истакна Муцунски.
Според него, значајно е што во европските институции и меѓу земјите членки се препознава и широката општествена поддршка за европската интеграција и определбата на Владата за европските вредности.
„Дел од примената на европските вредности е меѓусебното разбирање, почитувањето на меѓусебните идентитети, јазичните различности и културата. Секогаш може да се најде решение доколку има желба и волја од другата страна“,
нагласи Муцунски.
Тој истакна дека домашните реформи и решавањето на отворените политички прашања мора да се движат паралелно бидејќи исполнувањето на европските критериуми останува суштински дел од процесот.
„Мораме да најдеме решение и ќе работиме на тоа. Но нашиот императив не треба да биде решение по секоја цена“,
порача Муцунски.
