Професорот од Филозофскиот факултет во Белград и кандидат за пратеник на Студентската листа која оствари историски резултат на парламентарните избори, во интервју за „360 степени“, зборува за тоа како новата власт во Србија планира да ја департизира државната структура, како полицијата да им служи на граѓаните, а не на партиите, како да се врати довербата во институции по 14-годишното владеење на Александар Вучиќ. Јово Бакиќ вели дека е подготвен да се нафати да го води можеби најтешкиот ресор во владата – оној за внатрешни работи
„Тоа е само моја желба, многу е неизвесно дали ќе бидам. Значи, тоа зависи првенствено и од мандатарот, бидејќи мандатарот може да смета дека јас сум човек кој не е за соработка. И тоа е сосема легитимно“, вели Бакиќ
360°: Господине Бакиќ, Српската напредна странка ги изгуби изборите. Колкав дел од нејзината реална моќ останува во полицијата, во службите, во јавните претпријатија, во локалната самоуправа во Србија?
Јово Бакиќ: Таа сè уште има некаква реална моќ иако ги загуби изборите, но таа моќ со секој изминат ден е сè помала. Прелетувачите се сè почести, птиците песнопојки се сè почести. Така што нивната моќ веќе сега, благодарение и на делот од обвинителството кое се оттргна и се разбуди од долгогодишната, да не кажам децениска хибернација, почна да работи. И во таа смисла гледаме дека доаѓа и до апсења, доаѓа и до нудење на некои од врвот на режимот на наши луѓе да ги заштитат ако пропеат. Така што во таа смисла сè оди во една добра насока.
360°: Го споменавте обвинителството. Гледаме дека има промена, како што рековте, во работата на обвинителството, но и во работата на некои од медиумите. Дали сега навистина се слободни или само се обидуваат да ви се допаднат, да ѝ се додворат на новата власт?
Јово Бакиќ: Добро ви е прашањето, се плашам дека е ова второто, дека станува збор за тоа дека тоа е всушност инерција да се слуша било кој што ќе дојде на власт, а ние всушност сакаме нешто друго да направиме. Ние навистина сакаме средствата за масовна комуникација да бидат независни. Да имаат целосна слобода професионално да работат. Да нè контролираат нас кои ќе влеземе во собранието, таа влада, нашите министри, сите треба да бидат контролирани, бидејќи контролата на извршната и законодавната власт која ја врши јавноста, а новинарите се всушност агенти на јавноста. Исклучително важни луѓе. Тоа е во интерес на општеството. Ако ние успееме тоа да го развиеме, односно да го разбиеме тој поданички менталитет на одредени новинари, или на мнозинството новинари за жал во земјата, тогаш навистина ќе успееме. Бидејќи тоа ќе значи дека сме го промениле не само овој авторитарен режим на организиран криминал, туку дека сме го промениле и целиот систем.
„Прелетувачите се сè почести, птиците песнопојки се сè почести“, вели Бакиќ за односот на дел од поранешните структури на СНС кон идната власт
360°: Кога зборуваме за новата влада, која ќе биде нејзината конкретна, специфична мерка со која навистина ќе им покаже на граѓаните дека решила да прекине со праксата на поврзување на државата, полицијата, политичките структури и организираниот криминал? Нешто од што Србија боледува во изминатите 35–36 години.
Јово Бакиќ: Значи прво, потполно сте во право кога ја дијагностициравте состојбата во општеството на Србија во последните неколку децении. Со тоа што тоа уште повеќе се забрза во последните 14 години и се рашири како карцином. Показател дека сме успешни ќе биде ако доста луѓе од врвот на режимот се најдат прво пред суд, па потоа судењата бидат јавни и на крајот барем некои од нив со докажана вина се најдат во затвор. Тоа ќе биде показател дека нешто се променило, некој прв знак, а втор знак ќе биде кога некој од нашите ќе престане да биде наш бидејќи ќе помине на другата страна на законот па ќе биде откриен, па исто така ќе се најде пред суд а потоа и во затвор. Тоа значи дека конечно е воспоставено владеење на правото и на неговите темели правна држава.
360°: Значи, велите, нулта толеранција, нема наши, ваши — кој згрешил пред законот?
Јово Бакиќ: Така е, штом згрешил не е наш. Да беше наш немаше да згреши.
360°: Во вашите изјави порачувате, изјавувате дека би се нафатиле да бидете министер за внатрешни работи, што можеби е една од најсложените, најкомплексните позиции во овој момент. Ако станете министер, каква контрола ќе воведете и на себе како министер, меѓутоа и на полицијата, за таа повторно да не стане инструмент или продолжена рака на новата власт?
Јово Бакиќ: Секако, па клучна работа ќе биде воведувањето на департизација. Нам тоа ќе ни биде полесно да го спроведеме. Затоа што не сме партија. Ние сме многу разновидно движење во идејно-политичка смисла. Тука има најразлични идејно-политички ориентации. И во таа смисла ќе постои и некаков вид на меѓусебна контрола. А од друга страна, ако бидат независни медиумите, тогаш секако ќе биде под контрола на јавноста. Тука е и студентскиот фактор. Тоа треба да биде фактор на контрола. Што прават пратениците, што прават министрите, кои на некој начин, секако пратениците на прво место студентите ги избраа, но потоа и министрите како продолжена рака на собранието што тие прават. Значи, сè ќе биде јавно, бидејќи нема да има што да се крие. Единствените критериуми се професионалност и чесност. Кој чесно и професионално си ја работел работата нема од што да се плаши, притоа може да гласа за кого сака, а кој има имот многу поголем од приходите, треба да му се одземе, тој да се отпушти од служба и да се види дали има елементи на кривично дело. Ако има, тогаш кривично да се гони.
360°: А ќе бидете министер?
Јово Бакиќ: Тоа е само моја желба, многу е неизвесно дали ќе бидам. Значи, тоа зависи првенствено и од мандатарот, бидејќи мандатарот може да смета дека јас сум човек кој не е за соработка. И тоа е сосема легитимно. Потоа колегите пратеници, можат исто така да сметаат дека можеби не сум најдобрата личност, дека има подобри личности за тоа место. Што исто така е сосема легитимно. Според тоа, јас би сакал, јас јавно тоа го кажав, разработив и план во фази, како кои чекори треба да се спроведуваат, секако не сам, туку во соработка со некои пензионирани чесни полицајци. Но, тоа воопшто не мора да значи дека јас ќе бидам министер за внатрешни работи.
360°: Споменавте мандатар. Кој ќе биде мандатар, а кој кандидат за претседател на Студентската листа?
Јово Бакиќ: Ни тоа сè уште не е одлучено. Секако постојат некои кандидати, но во овој момент бидејќи никој од нив не излезе со желба да биде тоа, би било некоректно од моја страна да лицитирам со имиња.
360°: Во вашите настапи изјавувавте дека уште пред изборите започнал процес на извлекување пари од Алта банка и оваа криза се префрли, се трансферираше, се прелеа и во Македонија. Со какви информации располагате? Дали се тие доставени до обвинителството — дека навистина поранешната владејачка партија, СНС, извлекувала милионски суми од оваа банка?
Јово Бакиќ: По сè изгледа дека е така. Се зборуваше штом таа банка беше формирана, бидејќи таа всушност е формирана или настана од една обична менувачница. А потоа одеднаш за не знам колку години можеби 10 стана банка која игра значајна улога на пазарот не само на Србија туку еве видовме дека значи купува и некои македонски банки и така натаму. Се зборуваше дека зад неа стои всушност Андреј Вучиќ како брат на поранешниот претседател. Тоа тогаш се зборуваше. Јас за тоа докази немам. Но сосема е јасно дека таа банка беше во функција на режимот, дека многу веројатно перела валкани пари од организиран криминал и служела како некаков вид на проточен финансиски бојлер за режимот.
360°: За многумина, ова што се случи во Србија на 25 октомври е еден вид општествен и политиколошки феномен или експеримент. Какви се шансите овој експеримент навистина да успее, а какви се шансите тој да не успее, повторно да се добие едно разочарување како од типот на 5 октомври, меѓутоа тоа беше 2000 година?
Јово Бакиќ: Тоа е добро прашање. Јас сум голем поборник на социологијата на политиката на Карл Манхајм. Тој вели дека политиката е дејствување кое се одвива во ирационален маневарски простор. И ние не можеме со сигурност да ја предвидиме иднината. Она што јас можам да го кажам е дека ќе дадам сè од себе да нема повторно разочарување. Бидејќи и самиот бев разочаран од 5 октомври 2000 година. Значи мислев дека ние ќе одиме многу побрзо, многу подобро, поквалитетно. Тоа не се случи. Српската напредна странка не дојде на власт туку-така. Таа дојде на власт поради огромното разочарување на народот кој претходно им ја подари довербата на партиите од демократската опозиција на Србија. Денес ситуацијата е дотолку поразлична што ова не се политички партии. Значи ние сите сме луѓе кои доаѓаме од сопствените професии во парламентот. Значи се покажавме како добри во своите професии и потоа студентите како такви нè избраа. Секако секоја власт расипува. И имам доволно години за жал да знам дека ќе има луѓе кои власта ќе ги расипе. Повторно се надевам дека јавноста ќе биде присутна како контролор и дека таа расипливост на некои луѓе ќе дојде под лупа на јавноста. Ќе биде потешко да се влезе во корупциски води. Барем на тоа топло се надевам. Значи ќе видиме што носи иднината. Ова се само некои мои надежи и истовремено некои мои заложби така да биде. Но како ќе биде, ќе видиме.