По деталната анализа на податоците, Народна банка потврдува дека во текот на 2025 година и заклучно со октомври 2026 година, сомнителни или необични трансакции од таков обем не се забележани

Народната банка ги демантира наводите во јавноста за наводни трансфери на поголеми износи на средства кон или од Србија и Русија преку Алта банка АД Битола.
По деталната анализа на податоците, Народна банка потврдува дека во текот на 2025 година и заклучно со октомври 2026 година, сомнителни или необични трансакции од таков обем не се забележани.
Според податоците на Народната банка, трансакциите со Србија се однесуваат на редовното работење на клиентите на Банката и претставуваат незначителни износи во однос на вкупниот платен промет. Во 2025 година приливите од Србија изнесувале 2,2 милиони евра, додека одливите биле 5,3 милиони евра. Годинава, пак, заклучно со октомври, приливите изнесувале 6,2 милиони евра, а одливите 7,2 милиони евра.
Во однос на трансакциите со Русија, Народната банка истакнува дека во истиот период, 2025 и заклучно со октомври 2026 година, не се евидентирани никакви приливи ниту одливи во платниот промет и билансот на Алта банка АД Битола.
Случувањата со српската Алта банка, кои имаат извесна рефелексија и во земјава, бидејќи таа од лани е мнозински сопственик на Алта банка АД Битола, по преземањето на Стопанска банка АД Битола, речиси една недела ја брануваат јавноста и во Србија и во Македонија
Алта банка АД Битола од неделата има привремена администрација како привремена заштитна мерка со цел банката да продолжи непречено да работи, средствата на клиентите да останат на нивните сметки, а имотот и интересите на сите штедачи и доверители да бидат заштитени до промена на сопственоста на банката.
Физичките лица имаат неделен лимит од 10 000 денари за готовински подигања и плаќања со картичка, а внатрешните трансфери кон други физички и правни лица во рамките на банката остануваат неограничени. Од денеска, преку посебни шалтери граѓаните кои немаат платежни картиќки ќе можат да подигаат по 20 000 денари на неделна основа.
