Филијалата на Алта банка во Битола денеска ги отвори шалтерите за своите клиенти кои немаат платежни картички, а имаат потреба да извадат готовина
И покрај најавата дека исплатата ќе се одвива според утврден редослед, за кој граѓаните ќе бидат известени преку СМС-порака со точен датум и час кога треба да дојдат, пред банката денеска се собрале и граѓани кои не добиле СМС-порака, меѓу нив и повозрасни лица
Големи редици од утринава има пред филијалата на Алта банка во Битола, каде што денеска започна исплатата на средствата за клиентите на банката кои немаат платежни картички. Поради големиот метеж, на неколкумина им се слошило, поради што интервенирала Итната медицинска помош, јави дописничката на Телма од Битола.

И покрај најавата дека исплатата ќе се одвива според утврден редослед, за кој граѓаните ќе бидат известени преку СМС-порака со точен датум и час кога треба да дојдат, пред филијалата на Алта банка во Битола денеска се собрале и граѓани кои не добиле СМС-порака, меѓу нив и повозрасни лица кои не користат мобилен телефон.
Алта банка Битола денеска ги отвори шалтерите за своите клиенти кои немаат платежни картички, а имаат потреба да извадат готовина. Граѓаните ќе може да подигнат до 20 000 денари во период од две недели.
Дека од утринава е започната исплатата потврдија и од Народната банка, од каде што велат дека процесот се одвива непречено. Иако за денеска преку СМС-пораки биле повикани околу 400 граѓани, според НБ, биле услужени и оние кои немале оставено телефонски број за контакт, а самостојно дошле да ги подигнат средствата.
„Ги разбираме загриженоста и потребата на граѓаните да располагаат со своите средства, особено кога станува збор за пензиите, платите и средствата наменети за намирување на секојдневните животни потреби. Сакам уште еднаш да нагласам дека средствата на клиентите и понатаму се наоѓаат на нивните сметки во Алта банка АД Битола. Привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со средствата и се воведени со цел да се зачуваат ликвидноста и стабилноста на Банката и да се заштитат интересите на сите нејзини клиенти“,
изјави гувернерот Трајко Славески по средбата со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ) и директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување.
Славески вели дека се работи на создавање услови за исплата на средствата преку шалтери и во други градови во земјата, со цел на граѓаните да им се олесни пристапот до нивните средства.
