Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во свое и во името на Советот му заблагодари на нуркачот Бартломиеј Питала за експедицијата „Врело 2026“, за постигнатиот историски рекорд и за придонесот во светската промоција на Скопје
Советот на Град Скопје го прогласи полскиот нуркач Бартломиеј Питала за почесен граѓанин на Скопје како признание за историскиот подвиг во подводната пештера Врело на Матка, каде што достигна длабочина од 338 метри и постави светски рекорд за најдлабоко истражената подводна пештера во светот.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во свое и во името на Советот му заблагодари за експедицијата „Врело 2026“, за постигнатиот историски рекорд и за придонесот во светската промоција на Скопје.
„Со ова признание, Скопје му оддава заслужена почит на човекот кој ги помести границите на истражувањето и ни даде уште една голема причина за гордост. Господин Питала, остави трага во историјата на Врело и во срцето на Скопје. Скопје ги памети и ги почитува луѓето што го задолжиле со своите дела! Од денес, нашиот град е и негов!“,
порача Ѓорѓиевски.
Ваквиот историски успех, според скопскиот градоначалник, е голема можност за уште повеќе туристи, истражувачи и љубители на природата да го посетат главниот град и да се запознаат со неговите убавини.
Подводната пештера Врело во кањонот Матка минатиот месец стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот, откако меѓународен тим спелеонуркачи достигна рекордна длабочина од 338 метри во рамките на експедицијата „Врело 2026“. Со подвигот беа поставени три светски рекорди, а пештерата го презеде првото место на светската листа пред локалитетите Фонт Естрамар во Франција и Елефанте Бјанко во Италија.
