Најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко длабинско нуркање на отворени води. Ова се трите светски рекорди поставени во пештерата Врело на Матка со кои таа го презеде првото место на светската листа пред локалитетите Фонт Естрамар во Франција и Елефанте Бјанко во Италија

Подводната пештера Врело во кањонот Матка стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот, откако меѓународен тим спелеонуркачи достигна рекордна длабочина од 338 метри во рамките на експедицијата „Врело 2026“.
Со овој подвиг беа поставени три светски рекорди, а пештерата го презеде првото место на светската листа пред локалитетите Фонт Естрамар во Франција и Елефанте Бјанко во Италија.
Како што соопштија од Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, во периодот од 10 до 17 октомври меѓународен тим од 15 нуркачи од Македонија, Полска и Италија успеал да ја истражи пештерата до рекордни 338 метри, што е за 51 метар подлабоко од досега истражената длабочина од 287 метри.
Со тоа се поставени светски рекорди во три категории: најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко длабинско нуркање на отворени води.
„За време на експедицијата освен истражувањата за длабочината на пештерата, нуркачките тимови од Полска и од Македонија открија уште два нови неоткриени канали, кои ја видоизменија мапата на пештерата и вкупната должина на пештерата“,
велат од СНК „Врело“.
Рекордното нуркање го извршил полскиот спелеонуркач Бартломиеј Питала, а целата операција траела девет часа. Неговото безбедно враќање било следено од 12 безбедносни нуркачи распоредени на различни длабочини во пештерата, додека на површината бил ангажиран координациски тим со медицинска и спасувачка поддршка.
