Протестот стана насилен кога група маскирани момчиња почнаa да фрла камења кон интервентната полиција, која одговори со шок-бомби, солзавец и водени топови

Илјадници млади Албанци се собраа и денеска пред министерството за образование во центарот на Тирана, главниот град на Албанија, на петтиот ден од сè поширокото движење кое сака да го прекине 13 години долгото владеење на премиерот Еди Рама.
Протестот стана насилен кога група маскирани момчиња почнаа да фрлаат камења кон интервентната полиција, која одговори со шок-бомби, солзавец и водени топови.
Протестите поради корупцијата и невработеноста се шират низ Албанија. Во Тирана оваа недела веќе имаше насилни протести на кои се кршеа излози, се палеа владини згради, а имаше и судири со полицијата.
Полицијата објави дека досега се приведени 500 демонстранти, од кои 330 веќе се пуштени на слобода. Повредени се околу 120 полицајци и 45 учесници на протестите. Се смета дека многу повредени демонстранти не се никаде заведени.
Нередите се досега најголема закана за премиерот Еди Рама кој е на власт од 2013 година, а минатата година на изборите освои четврти мандат.
Новите демонстрации следеа по месеци главно мирни протести поради планот за изградба на луксузно одморалиште на недопреното јужно крајбрежје на Албанија. Зад тој проект стојат инвеститори меѓу кои е и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Владата на Рама ја следат корупциски скандали, а многумина аналитичари наведуваат дека Албанија е центар на групи кои перат пари од трговија со дрога и оружје, што ги загрозува нејзините напори за влез во Европската Унија (ЕУ).
Рама ги отфрла тие обвинувања и истакнува дека нема да поднесе оставка. Денеска тој изјави дека неговата влада ги почитува студентите и дека ќе го заштити нивното право на протест.
„Мојата одговорност во овие тешки времиња е уште појасна – да ги заштитам нашите граѓани, да загарантирам правда и да ја водам Албанија напред со ова владејачко мнозинство, кое има многу јасен мандат – да ја види Албанија во Европската Унија до 2030 година“,
објави тој на Фејсбук.
Албанија, покрај Црна Гора, го предводи пристапниот процес меѓу балканските земји.
