Во Франција за денеска се најавени масовни протести на кои се очекува да учествуваат десеттици илјади луѓе. Многумина очекуваат дека тоа ќе бидат најнасилните протести досега. Студентите, синдикалците и преостанатите припадници на движењето „Жолти елеци“ се здружуваат за да изразат незадоволство од високите цени и сè покревкиот француски социјален модел

На плоштадот „Република“ во Париз денска околу пладне избија насилни судири помеѓу демонстрантите и полицијата, не местото што беше почетна точка за најавениот голем протестен марш.
Полицијата во неколку наврати употреби солзавец за да ги растера демонстрантите, од кои некои беа маскирани и облечени во црно, додека други фрлаа пиротехнички средства.
Се очекува десетици илјади луѓе да протестираат ширум Франција, додека студентите, синдикалците и преостанатите припадници на движењето „Жолти елеци“ се здружуваат за да изразат незадоволство од високите цени и сè покревкиот француски социјален модел.
Првиот бран протести започна минатиот месец во средните училишта во сиромашните северни предградија на Париз, каде што незадоволството поради недостигот од наставници и дотраените училишни објекти брзо се претвори во национално движење против нееднаквоста, недоволното јавно финансирање и падот на стандардот.
„Насекаде се чувствува големо незадоволство и гнев, затоа е силна порака тоа што сме сите заедно. Фактот што оваа сабота сите ќе излеземе на улиците, а не само средношколците, покажува дека постои општо, заедничко незадоволство и дека сите се согласуваме околу тоа“,
изјави средношколка од Франција.
Протестите доаѓаат во тежок момент за Франција, додека претседателот Емануел Макрон влегува во завршната фаза од својот претседателски мандат, оставајќи зад себе поларизирано гласачко тело и распарчена домашна политичка сцена. Инвеститорите го повлекуваат својот капитал од францускиот државен долг, со што трошоците за задолжување достигнуваат највисоко ниво во повеќе од две децении.
Премиерот Себастијан Лекорну во четвртокот изјави дека властите се плашат од нереди за време на протестите. Владата го обвинува крајно левичарското движење „Непокорена Франција“ за распламтување на протестите, што тоа движење го негира.
Опозицискиот лидер Жордан Бардела, чие крајно десничарско „Национално обединување“ води во анкетите во пресрет на претседателските избори следната година, изјави дека очекува насилни протести и дека Франција ја очекува хаотичен викенд.
Насилни протести
Премиерот Лекорну изјави дека протестите се меѓу најнасилните во последните неколку децении, при што од нивниот почеток се повредени повеќе од 900 полицајци. Полицијата истовремено се соочи со критики за начинот на кој постапуваше за време на протестите, особено поради тежината на забележаните повреди. Меѓу нив е и случајот на малолетник на кого му е разнесена дланката откако подигнал шок-бомба.
Францускиот оддел за надзор на полицијата истражува најмалку дваесеттина случаи на наводно полициско насилство. Франција ја прекина употребата на шок-бомби за време на студентските протести, но министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека тие би можеле да се употребат за време на саботните протести.
„Во случај на судири може да се употребат сите видови средства за присилба“,
изјави францускиот министер за внатрешни работи.
Се чини дека повиците на социјалните мрежи до учесниците на претходните протестни движења да се приклучат вродија со плод, што го отвора прашањето колку би можеле да пораснат протестите.
„Жолти елеци“
Движењето „Жолти елеци“ започна во 2018 година со протести против данокот на дизел горивото, а потоа се претвори во силен израз на незадоволство поради високите животни трошоци и нееднаквоста во приходите. Сепак, ситуацијата главно беше мирна откако Макрон се согласи на даночни олеснувања вредни повеќе милијарди евра.
Во пресрет на најавените протести за денеска, францускиот претседател Емануел Макрон повика на смиреност.
„Правото на протест и слободата на изразување се уставно загарантирани, но подразбираат и одговорност и почитување на луѓето и нивниот имот. Затоа повикувам на смиреност и мирни, одговорно организирани протести. Насилството, уништувањето имот и предизвикувањето нереди се неприфатливи“,
рече Макрон.
