На дополнително прашање од пратеникот на СДСМ, Миле Талески дали ќе поднесе обвинението против премиерот Христијан Мицкоски затоа што на надзорната расправа дал лажен исказ дека владата предводена од СДСМ во 2023 година барала воспоставување деловни односи со Алта Банка, Савески рече доколку од партијата имаат докази за такво нешто да го достават до Обвинителството, додавајќи дека обвинение се поднесува по спроведена истрага
Државниот јавен обвинител Ненад Савески, кој беше еден од сведоците повикани на надзорната расправа за Алта банка АД Битола во Собранието, не одговори конкретно на прашањата од пратениците на власта и опозицијата за тоа дали институцијата со која раководи отворила или ќе отвори постапка за случувањата околу банката.

Прашањата до Савески дојдоа од пратеникот на СДСМ, Миле Талески и неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски и двете во наративот и ставовите што изминатиот период ги застапуваат двете партии, а кои се дијаметрално спротивни.
Савески на прашања даде идентичен одговор.
„Ги слушнав прашањата и на двајцата пратеници и можам да дадам еден одговор на сите прашања,. А тоа е дека дека без оглед кој го повикува Јавното обвинителството да постапи во конкретна ситуација Јавното обвинителство постапува во секоја ситуација, вклучително и оваа и било која идна, секогаш кога ќе детектира дека постои кривично-правен настан. Доколку детектира кривично-правен настан се утврдува идентитет на сторителот на кривичното дело, за кое кривично дело станува збор, и тоа постапување е основна дејност и надлежност на секој јавен обвинител. Тоа е обврска на секој јавен обвинител“,
рече Савески.
Тој даде забелешка дека во поставувањето на прашањата двајцата пратеници внеле речник, кој тој го оцени како политички, наведувајќи дека тој не може да одговори на истиот начин, бидејќи е легалист и јавен обвинител.
Инаку, Талески побара од државниот јавен обвинител конкретно да одговори дали е оформен предмет, дали се преземени предистражни дејства и дали ќе се испитува евентуалната кривична одговорност на премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот Трајко Славески и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска доколку доказите укажуваат на нивна одговорност во врска со влезот на Алта банка во Македонија.
„Имаме гувернер, министерка за финансии, премиер кои јавно си ја префрлаат одговорноста за тоа кој знаел, кој требало да знае и кој не знаел за влезот и работењето на оваа банка. И покрај сето ова, вие пред јавноста изјавувате дека обвинителството ја следи ситуацијата. Тоа и сега го потврдивте, но дека сè уште е рано да се зборува за формална истрага“,
рече пратеникот на СДСМ.
Неговиот колега од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, пак, упати три прашања до јавниот обвинител, а кои се однесуваа на јавните настапи и соопштенија на СДСМ и неговиот претседател Венко Филипче, во кои како што кажа биле изнесени сериозни обвинувања кои можат да го загрозат целокупниот банкарски сектор во државата. Тој побара од Савески да одговори дали ги има регистрирано овие изјави, дали по нив е отворен предмет и дали се преземаат дејствија за проверка на изнесените тврдења.
„Јас не кажав дека е рано за истрага, ниту дали има или нема истрага. Доколку има или нема предистрага, не можам да зборувам бидејќи предистражната постапка тајна и немојте да ми замерите на тоа бидејќи тоа е моја обврска и јас морам да го почитувам законот. Извенете што со истиот одговор одговарам и на двете прашања“,
рече републичкиот јавен обвинител.
Ако имате докази дека премиерот дал лажен исказ доставете ги до Обвинителството
На дополнително прашање од пратеникот на СДСМ, дали ќе поднесе обвинението против премиерот Христијан Мицкоски затоа што на надзорната расправа дал лажен исказ дека владата предводена од СДСМ во 2023 година барала воспоставување деловни односи со Алта Банка, Савески рече доколку од партијата имаат докази за такво нешто да го достават до Обвинителството, додавајќи дека обвинение се поднесува по спроведена истрага.
„Ме прашавте дали ќе поднесам обвинение. Ако мислите инситутиционално ве разбурам, но ако мислите лично, јас не спроведувам истраги и не поднесувам обвиненија како личност. Но, ако имате докази за било какво сторено кривично дело доставете го до надлежното јавно обвинителство, јавен обвинител кај кој ќе биде распореден тој предмет ќе постапи и ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука. Обвинение се поднесува по спроведена истрага. Доколку имате докази ве молам доставете ги до јавното обвинителство“,
кажа државниот јавен обвинител.
Дополнително прашање постави и Петрушевски, а во контекст на претходнот. Тој го праша Савески дали како врвен правник и државен јавен обвинител смта дека потребно воведување кривични дела со кои би се санкционирале дела на намерно загрозување на стабилноста на банкарскиот сектор како и намерно предизвикување страва и паника меѓу граѓаните преку ширење на јавни инфорамции. Обвинителот одговори дека законите, меѓу кои и Кривичниот законик, се во надлежност на Собранието. Изнесувајќи личен став, тој рече дека лажните вести се проблем насекаде, а во однос на тоа дали за нив треба да се бара кривично-правна одговорност или станува збор за слобода на изразување, Јавното обвинителство може да даде проценка.
„Доколку некој пратеник смета дека треба да се кодифицира такво дело тоа е негово лично право…Но, во овој момент таква кривично-правна заштита во нашиот Кривичен законик не постои“,
кажа Савески.
