Премиерот Христијан Мицкоски, во својство на сведок на денешната надзорна расправа за Алта банка во Собранието, објави одлука на Владата, предводена од тогашниот премиер Димитар Ковачевски, со која, како што рече, се барало воспоставување деловни односи со банката
Според лидерот на СДСМ, со владината одлука од 24 октомври 2023 година не било предвидено воспоставување деловни односи со Алта банка, туку било задолжено Државното правобранителство да стапи во комуникација со српските институции за заштита на државниот интерес, вклучително и во однос на акциите што биле откупени без согласност од македонската страна
Пратеникот и лидер на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, на денешната прес-конференција по првиот дел од надзорната расправа за Алта банка во Собранието, рече дека премиерот Христијан Мицкоски изнел невистини со тврдењето дека владата предводена од СДСМ во 2023 година барала воспоставување деловни односи со банката.

„Прв сведок на надзорната расправа беше Христијан Мицкоски, а кога нема одговор, спинува и лаже. Премиерот денеска на надзорната расправа иснесе брутална лага дека владата на СДСМ донела одлука да влезе во деловни односи со Алта банка Србија“,
рече тој.
Филипче посочи дека Мицкоски покажал документ од владината седница од 24 октомври 2023 година, но оти погрешно ја претставил неговата содржина.
„Дозволете да објаснам и да го презентирам пред целокупната јавност документот и да објаснам за каков процес станувало збор во 2023 година. Имено, Алта банка настанува во 2020 година од страна на сега притворениот Давор Мацура, личниот банкар на Александар Вучиќ, човекот за кого допрва ќе дознаваме и ќе слушаме каква лична релација имал со Христијан Мицкоски. Банката е формирана на начин што ги откупил акциите од поранешната Југославија, од тогашната Југмест банка, кои ѝ припаѓале на Република Србија. Целта на Давор Мацура очигледно била да стигне до над 90 отсто од акциите во негова сопственост. За да се случи тоа, потребно било да ги откупи и акциите што им припаѓаат на поранешните југословенски републики според системот на сукцесија. Меѓу нив сме и ние, а акции имала и Босна и Херцеговина“,
вели лидерот на СДСМ на прес-конференцијата во Собранието.
Потоа, Филипче посочува дека тогашната македонска влада не дала согласност Мацура да ги откупи акциите што му припаѓале на Министерството за финансии на Северна Македонија.
„Во 2023 година Давор Мацура не добил согласност од нашата влада, предводена од СДСМ, да ги откупи акциите што му припаѓале на македонското Министерство за финансии. Меѓутоа, добил согласност во Босна и Херцеговина, каде што, според мене, станува збор за скандалозна одлука да ги откупи по четири пати пониски цени од сметководствените. На тој начин се стекнал со над 90 отсто од акциите во белградската Алта банка“,
кажа тој.
Филипче вели дека откако Давор Мацура се стекнал со повеќе од 90 отсто од акциите во Алта банка Белград, согласно српското законодавство можел без согласност на останатите акционери да ги откупи и преостанатите акции, меѓу кои и оние во сопственост на Министерството за финансии на Северна Македонија. Со тоа, додава дека Мацура се стекнал со уште поголем контролен пакет акции.
Посочи дека процесот се одвивал од мај до јули, односно август 2023 година, повикувајќи се на документи од трансакциите на белградската берза и записниците од вонредните собранија на Алта банка во Белград, одржани во мај, јуни и јули истата година.
Филипче тврди дека владината одлука од 24 октомври 2023 година, на која се повикувал премиерот Христијан Мицкоски, била погрешно претставена. Според него, со заклучокот не било предвидено воспоставување деловни односи со Алта банка, туку било задолжено Државното правобранителство да стапи во комуникација со српските институции за заштита на државниот интерес, вклучително и во однос на акциите што биле откупени без согласност на македонската страна.

Во точката 57 од записникот од владината седница нема одлука за продажба на акции или за воспоставување бизнис-интереси со Алта банка, туку станува збор исклучиво за заштита на државните интереси на Северна Македонија.
„Откако тоа се случило, нашата Влада на 24 октомври 2023 година носи одлука со која денеска мафташе премиерот Христијан Мицкоски и лажеше дека во неа пишува оти нашата Влада одлучила да влезе во деловни односи со Алта банка. Еве го записникот од владината седница од 24 октомври 2023 година. Заклучокот од владината седница е да се ангажира Државното правобранителство, како орган што го штити државниот интерес, вклучувајќи ги и малите акции кои биле откупени без наша согласност, да влезе во комуникација со српските институции со цел да се заштити државниот интерес на Република Северна Македонија. Еве ја таа точка 52, која ќе биде споделена со целокупната македонска јавност. Ни збор за продавање акции, ни збор за воспоставување бизнис-интереси со Алта банка. Едноставно и единствено станува збор за заштита на државните интереси“,
рече Филипче.
Најави дека целиот процес ќе биде поткрепен со документи, кои ќе им бидат презентирани на медиумите и на јавноста, обвинувајќи го премиерот Христијан Мицкоски дека изнел невистини и ја манипулирал јавноста со цел одговорноста за случајот со Алта банка да ја префрли врз претходната влада на СДСМ.
„Има ли поголем доказ дека тој е до гуша вмешан во оваа продажба и е директен учесник во влезот на криминалната Алта банка од Белград кај нас? Има ли поголем доказ? Зошто би лажел Христијан Мицкоски на оваа тема? Зошто би дефокусирал? Зошто би мафтал со документи што не ги чита и не ги цитира, и би сакал да ја префрли вината на претходната влада на СДСМ? Еден циркус му одговара, му одговара на Латасовите, на Вучиќевите и на Орбановите медиуми. Тоа е начинот на кој тие комуницираат со јавноста затоа што сакаат целата одговорност да ја тргнат од себе. Но, тоа нема да може да се случи“,
вели лидерот на СДСМ.
Оцени дека случајот е причина Основното јавно обвинителство да отвори темелна истрага за релациите и улогата на Мицкоски во влезот на Алта банка во земјава.
„Очигледно е дека со ваквото однесување дополнително се создава сомнеж дека тој има нешто сериозно да крие во врска со сите релации и неговата улога во тоа како Алта банка од Белград дошла тука и ја купила Стопанска банка Битола, за сега луѓето да не можат да стигнат до своите пари, а тој да се претставува како некаков спасител“,
посочи тој.
На прес-конференцијата, кажа и дека банката располага со капитал поврзан со перење пари, криминални и коруптивни зделки, како и со руски капитал, за кој рече дека е забранет во Европа по почетокот на војната.
„Христијан Мицкоски дозволи таков капитал да влезе во земјата“,
заклучи Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски, во својство на сведок на денешната надзорна расправа за Алта банка во Собранието објави одлука на Владата, предводена од тогашниот премиер Димитар Ковачевски, со која се барало воспоставување деловни односи со банката. Посочи дека од извадокот од нацрт-записникот од владината седница од 24 октомври 2023 година може да се види дека прашањето за влез на Алта банка во тогашната Стопанска банка Битола било отворено во времето кога премиер бил Димитар Ковачевски.
Според Мицкоски, од стенограмот се гледа дека тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими побарал од Државното правобранителство да стапи во деловни односи со Алта банка Србија. Како членови на тогашната влада, тој ги посочи и половина од сегашната пратеничка група на СДСМ.
„Дали тогаш тие не знаеле кој е Давор Мацура? Тогаш на владината седница била присутна половина влада. Сите тие гласале. Одлуката за влез на Давор Мацура ја носи владата на СДСМ со ДУИ. Нема да го читам целиот стенограм, нема да биде пристојно“,
рече Мицкоски, држејќи го документот во рака.
Според записникот од 194. седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 24 октомври 2023 година, Владата на тогашниот премиер Димитар Ковачевски, под реден број 57, ја разгледала и усвоила точката под наслов „Информација во врска со потребата Државното правобранителство на Република Северна Македонија како законски застапник на Министерството за финансии, да го застапува истото пред органите во Република Србија, во врска со отуѓувањето на акциите во Алта банка АД Белград“.
На седницата била разгледана информацијата и, како што се наведува, таа е усвоена и со одлуката, потпишана од Ковачевски и тогашниот генерален секретар Методија Димовски, се задолжува Државното правобранителство да поведе соодветни постапки пред органите на Република Србија.
„Владата ја разгледа Информацијата во врска со потребата Државното правобранителство на Република Северна Македонија како законски застапник на Министерството за финансии, да го застапува истото пред органите во Република Србија, во врска со отуѓувањето на акциите во Алта банка АД Белград, сопственост на Министерството за финансии, Република Северна Македонија, ја усвои Информацијата и го задолжи Државното правобранителство на Република Северна Македонија да поведе соодветни постапки пред органите на Република Србија доколку за истото постојат законски можности, заради заштита на правата и интересите на Министерството за финансии, Република Северна Македонија во врска со отуѓувањето на акциите во Алта банка АД Белград, сопственост на Министерството за финансии, Република Северна Македонија“,
пишува во одлуката.
