Повеќето членови на Судскиот совет ја истакнаа способноста на судијата Субхи Јакупи за неговото раководење, искуството стекнато во Вишиот управен суд и квалитетот на програмата што ја презентирал. Единствена која гласаше „против“ неговиот избор е членката Сузана Јошевска, која рече дека од сите четворица судии кои се кандидираат за оваа позиција, Јакупи нема ниту еден ден стаж во судот со кој сака да управува, а забележа и дека за разлика од останатите кандидати, тој има најмал судиски стаж
Субхи Јакупи е судија во Вишиот управен суд од 2018 година. Пред судиската кариера, тој беше долгогодишен член на Државната изборна комисија, реизбиран на предлог на ДУИ
Со девет гласа „за“ и еден „против“, Судскиот совет на денешната седница го избра судијата во Вишиот управен суд, Субхи Јакупи, за нов претседател на Управниот суд, оценувајќи дека неговата програма, досегашното искуство и познавањето на управното судство го издвојуваат од останатите тројца кандидати.

Покрај Субхи Јакупи, кој има седумгодишен стаж во Вишиот управен суд, на предлог-листата за претседателската функција во Управниот суд беа Ѓоко Живковски, судија во Управниот суд со 12 години судиски стаж, Едита Наскова, судијка во Вишиот управен суд со 14 години стаж, и Газменд Фејзули, судија во Управниот суд со 18 години стаж.
За време на расправата, повеќето членови на Судскиот совет ја истакнаа способноста на судијата Субхи Јакупи за неговото раководење, искуството стекнато во Вишиот управен суд и квалитетот на програмата што ја презентирал.
Членовите на Советот кои гласаа „за“ изборот на Јакупи за нов претседател на Управниот суд своите ставови ги аргументираа со неговото долгогодишно искуство во управното судство, ја пофалија предложената програма, личните квалитети, како и претходното професионално искуство на кандидатот. Дел од нив оценија дека неговото претходно искуство во Вишиот управен суд му дава соодветно искуство за функцијата за која се кандидира.
Единствена која гласаше „против“ изборот на Субхи Јакупи е членката на Советот, Сузана Јошевска. Во образложението на својата одлука, таа рече дека од сите четири судии кои се кандидираат за оваа позиција, Субхи Јакупи нема ниту еден ден стаж во судот со кој сака да управува. Дополнително, Јошевска забележа дека од сите четворица кандидати, кои имаат над 10 години судски стаж, Јакупи единствено е со стаж од седум години.
Јошевска оцени дека програмата на Јакупи содржи цели, но дека тие не биле доволно и поконкретно обработени, како и дека кандидатот на интервјуто давал многу општи и неконкретизирани одговори.
Субхи Јакупи е судија на Вишиот управен суд од 2018 година.
Пред судиската кариера, тој беше долгогодишен член на Државната изборна комисија, реизбиран на предлог на ДУИ. Во оваа институција беше од 2006 до крајот на 2017 година, кога заедно со уште седум колеги од тогашниот состав на ДИК поднесе оставка, откако во јавноста беше отворен случајот за дополнителни надоместоци, односно бонуси, што членовите на ДИК си ги поделиле за ангажман на локалните избори во 2017 година.
