Премиерот вели дека само во текот на следната година треба да се обезбедат 2,3 милијарди евра, а ако се организираат предвремени избори, кои подразбираат и шест месеци техничка влада, државата нема да може тоа да го направи и тоа би водело кон банкрот

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека во моментов е неодговорно кон државата да се организираат предвремени парламентарни избори, иако, како што вели, ако се гледа од политички аспект на неговата партија, тоа ѝ одговара.
Според Мицкоски, суштински гледано, избори во овој период не би биле добри за државата бидејќи во следните две години мора да се обезбедат пет милијарди евра за подмирување обврски.
Премиерот вели дека само во текот на следната година треба да се обезбедат 2,3 милијарди евра, а ако се организираат предвремени избори, кои подразбираат и шест месеци техничка влада, државата нема да може тоа да го направи и тоа би водело кон банкрот.
Тој рече дека станува збор за обврски кои опфаќаат враќање на заемот земен за време на пандемијата со ковид-19, рефинансирање на дел од долговите, исплата на камати и покривање на тековниот буџетски дефицит.
Според Мицкоски, во 2028 година, кога треба да се одржат редовните избори, ќе биде многу полесно. Иако, како што рече, во 2028 година ќе треба да се обезбедат околу 2,7 милијарди евра, дел од обврските ќе можат да се пренесат во 2029 година, единствената година во која претходната влада нема направено задолжување со еврообврзница.
„Доколку сега, во 2027 година, се организираат предвремени парламентарни избори, пред чие одржување треба да има техничка влада за период од шест месеци, тоа би било неодговорно однесување кон државата“,
нагласи Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите.
Изминатите месеци е актуелно прашањето за предвремени парламентарни избори, за кое Мицкоски велеше дека доколку опозицијата поднесе барање во Собранието, неговата ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори позитивно. Опозициската ДУИ ја поздрави изјавата на премиерот за подготвеноста на ВМРО-ДПМНЕ да оди на предвремени избори доколку во Собранието има такво барање. Сметаат дека подготвеноста да се бараат решенијата преку институциите и преку волјата на граѓаните е одговорност што треба да се поздрави.
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) рекоа дека нема да бидат алиби на власта на премиерот Христијан Мицкоски за предвремени парламентарни избори и оти нив ќе ги закаже премиерот, кој ја има апсолутната власт во државата. Избори, како што рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче, власта ќе закаже кога ќе ѝ снема пари за, како што кажа, коруптивни тендери.
