Како што соопштија денеска од собраниската прес-служба, 129. седница се очекува да продолжи утре, по одржување на 130. седница
Точката од дневниот ред на собраниската седница во чии рамки се разгледуваат амандманите на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки сè уште не е затворена.
Ова следува откако пратеникот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Фатмир Битиќи, вчера побара пауза по усвојувањето на амандманот за бришење на членот 13 од предлог-законот. По паузата, седницата не продолжи.

Како што денеска соопштија од собраниската прес-служба за „360 степени“, 129. седница се очекува да продолжи утре, по одржување на 130. седница.
Сепак, на собранискиот портал седницата сè уште не е закажана.
И на официјалната веб-страница на Собранието е наведено дека 129. седница сè уште не е завршена, а точката на дневниот ред посветена на амандманите на измените на Законот за јавните набавки не е затворена.


Собранието вчера попладне го усвои амандманот за бришење на членот 13 од предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки. Со оглед на што амандамните на СДСМ, а ги има над 2 000 илјади, се однесуваат токму на членот 13, дилемата е дали усвојувањето на амандманот за негово бришење, ги прави беспредметни сите други.
Амандманот за бришење на членот 13 од предлог-измените го поднесоа пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ; Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска и Бране Петрушевски.
Претходно на седницата, Битиќи реагираше дека наместо да се менува законот во тековната постапка, власта требало да го повлече и да подготви нови измени, по спроведена јавна расправа.
„На комисиската расправа дадовме ист амандман како овој што вие сега го предлагате. Баравме истиот овој член, во суштина да ни се смени, да останат претходните одредби за кои претседателката не ви го потпиша указот. Ова е можеби првпат Законот за јавни набавки да се носи во собраниска процедура без јавна расправа. Подостоинствено ќе беше да го повлечете законот, да поднесете нови измени и да има јавна расправа наместо да велите дека еве, сте ја послушале претседателката зашто таа кажала дека ова е противуставно“,
рече Битиќи.
Тој оцени дека бришењето на членот 13 не ги отстранува сите спорни прашања во законските измени, посочувајќи дека има и други одредби за кои, како што рече, нема одговор.
„Немате одговор на 2 156 амандмани, ова е единствен начин да го одблокирате. Подостоинствено ќе беше да го повлечете законот, да одите со нови измени на законот, да одите со јавна расправа, па да се дојде на собраниска седница. Има уште еден сериозен проблем, дали се што гласаме, односно гласате, е според уставните одредби или е противуставно“,
додаде тој на вчерашната седница во Собранието.
По репликата на Битиќи, собранискиот спикер Африм Гаши го стави амандманот за бришење на членот 13 од предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки на гласање.
Амандманот беше усвоен.
Потоа по барање на Битиќи, Гаши даде еден час пауза. По што седницата не продолжи.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на 2 ноември го извести Собранието дека нема да го потпише указот за прогласување на измените на Законот за јавните набавки, усвоени на 26 октомври, повикувајќи се на член 75 став 3 од Уставот.
Како спорна ја посочи одредбата од членот 13, со која се менува начинот на регулирање на мандатите на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Според неа, формулацијата „со право на повторно именување“ не поставува јасно ограничување на бројот на мандати и остава простор за арбитрарно толкување.
На Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки беа поднесени вкупно 2 158 амандмани.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека со амандманот на владејачкото мнозинство за бришење на членот 13 од Законот за јавните набавки, поради кој претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпиша указот за негово прогласување, власта го отвора патот за усвојување на законското решение, без да дојдат предвид повеќе од 2 000 амандмани поднесени од СДСМ.
