Пратеничката го праша Славески околу исполнувањето на законските услови и репутацијата на сопствениците при издавањето на согласноста за купување на Стопанска банка АД Битола
Славески истакна дека процесот на лиценцирање и давање согласност траел во рамките на максималниот законски рок од три месеци, при што низ четири нивоа во институцијата биле извршени минуциозни анализи. Според него, во постапката била остварена директна комуникација со домашни и странски институции, а проверките биле пратени преку меѓународни глобални платформи

Пратеничката од СДСМ и претседателка на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, на надзорната расправа во Собранието посветена на состојбите во Алта банка АД Битола, улогата на Народната банка и институционалната одговорност, упати критики до гувернерот Трајко Славески и побара негова итна оставка.
Во поставувањето прашање до Славески, Лукаревска се осврна на повеќе прашања, од начинот на издавање на согласноста за купување на банката, преку санкциите од европските регулатори, па сè до воведениот лимит за повлекување средства за граѓаните.
Лукаревска презентираше видеоматеријал за кој рече дека е од телевизиска дебата.
„Може ли еден ситен сопственик на една менувачница да стане милијардер? Може, ако татко на таа банка е Александар Вучиќ. Сега ќе кажам една атомска бомба од извори од Белград. Што е тоа Алта – Александар и Тамара, втората жена на Вучиќ“,
се наведува во видеото.
Пратеничката потоа го праша Славески околу исполнувањето на законските услови и репутацијата на сопствениците при издавањето на согласноста за купување на Стопанска банка АД Битола.
„Официјалниот сопственик на Алта банка, Давор Мацура, е приведен во Србија, има истрага, се споменуваат 380 милиони евра, а тој е воедно и член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола. Дали проверивте кој е вистинскиот сопственик на Алта банка?“,
праша Лукаревска.

Таа се осврна и на постапувањето на Европската централна банка, во врска со поврзани лица на сопственикот на Алта банка, наведувајќи дека во август 2024 година биле изречени мерки за одземање на управувачките и гласачките права во Адико банка, како и парични глоби и забелешки за транспарентноста на сопственоста и потеклото на средствата.
Во својот одговор, гувернерот Трајко Славески нагласи дека Народната банка постапила строго во рамките на законските надлежности и овластувања.
Славески истакна дека процесот на лиценцирање и давање согласност траел во рамките на максималниот законски рок од три месеци, при што низ четири нивоа во институцијата биле извршени минуциозни анализи. Според него, во постапката била остварена директна комуникација со домашни и странски институции, а проверките биле следени преку меѓународни глобални платформи.
„Во рамките на овој процес како и секогаш беше остварена директна службена комуникација со сите надлежни домашни и странски институции – судови, регистри, управи, министерства, Управата за финансиско разузнавање. За сите лица беа направени сите неопходни проверки преку меѓународни глобални платформи преку кои се добиваат информации за евентуална вклученост на барателите за купување акции. Сите документи на ниту еден начин не упатуваа на пречки во однос на давањето на согласноста“,
рече Славески.

Во врска со санкциите од австрискиот регулатор, гувернерот појасни дека станува збор за прекршочна санкција која не е насочена конкретно кон забрана за вршење професија, поради што според домашната регулатива таа не претставувала законска пречка за издавање на согласноста.
Лукаревска посочувајќи на пропусти во работењето на Славески, нарушената доверба во банкарскиот сектор и отсуството на одговорност за состојбите во банката, порача дека единствен одговорен чекор е гувернерот веднаш да поднесе оставка.
Таа укажа и дека Славески сè уште не го свикал Комитетот за финансиска стабилност, посочувајќи на тешкотиите со кои се соочуваат клиентите кои не можат да пристапат до сефовите или да ликвидираат кредити.
Дополнително, Лукаревска отвори прашање зошто на граѓаните им е ограничен дневниот износ за повлекување средства на 10 000 денари, кога според нејзините податоци, со состојба од 31 март 2026 година, банката располагала со ликвидна актива од 5 милијарди денари наспроти вкупни депозити од 8,9 милијарди денари – показатели кои, според неа, биле доволни за справување со ударот, слично како и за време на успешното менаџирање на слична состојба во 2018 година.
Пратеничката на СДСМ побара од гувернерот да даде конкретни одговори за одлуките на Народната банка, особено за датумот на преземањето на Алта банка и критериумите врз основа на кои е утврден лимитот за повлекување средства на граѓаните.
„Вие ми немате дадено одговор прецизен на кој датум е донесена одлуката за преземање на Алта банка. Сакам да добијам одговор исто така како го утврдивте токму износот од 10.000 денари лимит за повлекување на средства од граѓаните“,
порача Лукаревска.
Славески не даде конкретен одговор за барањето на Лукаревска за негова оставка рече само дека секој има право на свое мислење, а во однос на утврдениот лимит рече дека првичните ограничувања се олабавуваат.
„Првичните ограчничувања се олабавуваат, сега се 15 илјади денари неделно, примателите на социјална помош ги добија во целост своите средства, исто е и со пензионерите, а од утре компаниите кои што имаат сметки во Алта банка Битола, ќе може да ги исплаќаат платите и придонесите, како и данокот на додадена вредност кон УЈП“,
беше одговорот на Славески.
Тој рече дека во однос на мерката за администрација, Народната банка реагирала промптно, постапила правилно за да го заштити имотот и штедните влогови и додаде дека во иднина ќе се покаже дека тоа било исправна одлука.
Според него, на часовна основа се следат случувањата со Алта банка и кажа оти состојба е значително стабилизирана.
