Во текстот на медиумот од Албанија се наведува и дека Мухамед Муртези преку објави на Фејсбук ги поддржал протестите во Албанија, изразувајќи надеж дека наскоро ќе заврши политичката ера на Еди Рама
Форумот на исламската младина во Северна Македонија, кој Египет го прогласи за терористичка организација, го предводи Мухамет Муртези, претседател на Советот на Општина Чаир и кадар на партијата Влен, коалициски партнер во Владата, објави албански Топ ченел.

Муртези ја извршува функцијата претседател на Советот на Чаир со мандатот од 2025 до 2029 година, а на локалните избори во октомври 2025 година беше дел од советничката листа на Влен за оваа општина.
На неговиот профил на Фејсбук се објавени и фотографии на кои тој е заедно со Изет Меџити, градоначалникот на Општина чаир и еден од лидерите на Влен.
Како што објави Топ ченел, Муртези изминатиот период на социјалните мрежи упатувал поддршка за протестите во Албанија.
Тој преку објави на Фејсбук ја критикува владата на албанскиот премиер Еди Рама и изразува надеж дека неговата политичка ера наскоро ќе заврши.
„Дали ерата на Еди Рама навистина ќе заврши наскоро и дали целото ова насилство што се случува на улиците на Албанија ќе заврши, останува да се види. Се надевам дека оваа среќна вест ќе дојде утре“,
ПИШУВА Муртези во објава на неговиот фејбук-профил.
Дека здружението од земјава се најде на листата на 35 субјекти што Египет, со одлука на Кривичниот суд во Каиро, ги вклучи во своите списоци на терористички организации и лица за период од пет години, објави порталот „Религија“.
Одлуката на Вториот кривичен округ на Кривичниот суд во Каиро опфаќа вкупно 35 организации и 36 физички лица. Меѓу наведените субјекти се Советот на европските муслимани, Европскиот совет за фатви и истражувања и Европскиот совет на имами, како и повеќе исламски здруженија и организации што дејствуваат во Велика Британија, Франција, Германија, Швајцарија, Шведска и Италија.
Станува збор за организации активни во различни области, меѓу кои верско советување и давање исламски верско-правни мислења и толкувања, едукација и обука на имами и верски проповедници, како и прашања поврзани со муслиманските семејства и жените.
Според Топ ченел, одлуката е донесена во рамки на предметот број 11108 од 2026 година, регистриран во Врховното обвинителство за државна безбедност, и е објавена во египетскиот службен весник „Ал-Вакаи ал-Масрија“.
Мерката има важност од пет години и предвидува забрана за активностите на организациите опфатени со одлуката, замрзнување на нивните средства и имот, како и ограничувања за финансирање, собирање средства, членување и промовирање, во согласност со египетското законодавство.
Сепак, како што објави „360 степени“, засега нема официјална потврда дека организацијата наведена во египетската одлука под арапскиот назив „Таджаму ал-Шабаб ал-Ислами“, што во превод значи „Исламско младинско здружение“, е истото правно лице како Форумот на исламската младина во Северна Македонија.
Од јавно достапниот список на граѓански организации, со податоци од Централниот регистар, постои регистрирано здружение „Исламски младински форум – Скопје“. Египетската листа го наведува арапското име, кое индиректно како превод се совпаѓа со името на оваа организација. Но, тоа не мора да значи дека станува збор за истата организација.
