Законот е ставен на дневен ред на пленарната седница закажана за утре, а Собранието треба повторно да го разгледува во фаза на трето читање
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во допис до претседателот на Собранието, Африм Гаши, образложува дека одлуката да не го потпише указот за прогласување на измените на Законот за јавните набавки, усвоени на 26 октомври, ја донела по внимателна анализа и консултации со експерти. Спорна за претседателката е измената со која се регулираат мандатите на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Досегашното законско решение предвидуваше петгодишен мандат со право на уште еден избор, односно најмногу десет години членство во Комисијата, додека новата формулација „со право на повторно именување“, според неа, не поставува јасна граница на бројот на мандати и остава простор за арбитрарно толкување, вклучително и можност за неограничен број реизбори
Вкупно 2 158 амандмани се поднесени на предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одлучи да не го потпише указот за негово прогласување.
Како што пренесува МИА, владејачкото мнозинство поднело еден амандман со кој се предлага бришење на членот 13, одредбата поради која претседателката стави вето на законските измени.

Останатите амандмани, според доставените информации, во најголем дел се поднесени од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ).
Законот е ставен на дневен ред на пленарната седница закажана за утре, а Собранието треба повторно да го разгледува во фаза на трето читање.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во допис до претседателот на Собранието, Африм Гаши, испратен на 2 ноември, образложува зошто одлучила да не го потпише указот за прогласување на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, усвоен на собраниската седница на 26 октомври 2026 година.
Во дописот, таа се повикува на член 75 став 3 од Уставот и наведува дека одлуката ја донела по внимателна анализа и консултации со експерти, оценувајќи дека одредбата од членот 13 од измените на законот отвора сериозни дилеми во однос на владеењето на правото.
Спорна за претседателката е измената со која се менува начинот на регулирање на мандатите на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Досегашното законско решение предвидуваше дека тие се именуваат за период од пет години, со право на уште еден избор, што значеше ограничување на вкупно два мандата, односно десет години. Со новата формулација, „со право на повторно именување“, според Сиљановска-Давкова, не се утврдува јасна граница на бројот на мандати.
Таа оценува дека ваквата формулација е правно непрецизна и остава простор за арбитрарно толкување, вклучително и можност за неограничен број реизбори.
„Формулацијата ‘со право на повторно именување’, за разлика од формулацијата ‘со право на уште еден избор’, којашто јасно воспоставува лимит од 10 години, е случајно или намерно правно непрецизна и нејасна и остава простор за арбитрарна интерпретација, во смисла на неограничен реизбор“,
се вели во дописот од претседателката.
Во дописот претседателката се повикува и на мислењата и препораките на Венецијанската комисија, предупредувајќи дека продолжувањето на можноста за повторно именување без ограничување може да доведе до концентрација на моќ во одлучувањето за трошењето на големи јавни средства.
Потсетува дека работата на ова тело во изминатите децении била проследена со проблеми, сомнежи и обвинувања во однос на непристрасноста, одговорноста и законитоста во неговото работење.
Наведува дека би го разбрала и поддржала решението со кое членството во Комисијата би се ограничило на еден петгодишен мандат, но изразува дилеми за оправданоста на законската можност за неограничен број мандати.
На крајот од дописот, претседателката бара од пратениците, при повторното разгледување на членот 13, да ги земат предвид причините за нејзиното вето и да се водат од начелото на владеење на правото.
Согласно членот 183 од Деловникот за работа на Собранието, кога претседателот на државата нема да го потпише указот за прогласување на закон, Собранието повторно го разгледува во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од неговото донесување. Во оваа фаза амандмани може да се поднесуваат само во врска со укажувањата на претседателот.
Рокот за поднесување амандмани истече во петокот, на 6 ноември.
