Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, рече дека молкот на Обвинителството ја продлабочува недовербата на граѓаните во правосудните органи и отвора сомнеж дека се штити премиерот Мицкоски и се остава простор тој и Славески да „ја заташкаат работата“, да уништуваат докази и да не се дознаат сметките и трансакциите од Алта банка
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) го повика Јавното обвинителство и првиот човек на оваа институција Ненад Савески веднаш да отвори истрага за влезот на Алта банка во Македонија, пред да биде доцна. Во спротивно, социјалдемократите најавуваат дека тие ќе поднесат кривични пријави за случаите.

Оттаму бараат од Јавното обвинителство да ги испита улогите на премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за влегувањето на српската банка на македонскиот пазар, потеклото и текот на парите.
Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, рече дека молкот на Обвинителството ја продлабочува недовербата на граѓаните во правосудните органи и отвора сомнеж дека се штити премиерот Мицкоски и се остава простор тој и Славески да „ја заташкаат работата“, да уништуваат докази и да не се дознаат сметките и трансакциите од Алта банка.
„Нека не чека Савески повик од Мицкоски. Нека му ги одбие повиците и нека постапува. Обвинителството има обврска кон граѓаните. Бараме веднаш да се испитаат сите околности за влезот на Алта банка во Македонија. Улогата на Мицкоски. Постапувањето на Славески. Предлогот на Кочоска. Владините заклучоци. Потеклото и текот на парите. Сите инволвирани да одговараат. Доколку Обвинителството не постапи, СДСМ највува кривични пријави за Алта банка. Го потсетуваме Савески дека јавниот обвинител мора да биде независен и да работи според Уставот и законите. Дека со полагањето заклетва му дал збор на народот“,
изјави Кузеска.
Користејќи ја метафората „часовник откчукува“, таа наведе Савески навреме треба да се огради од Мицкоски и да почне да си ја врши работата, бидејќи, како што кажа, во спротивно го чека иста судбина како неговите колеги во Србија, за кои се најавуваат апсења.
„Савески, часовникот отчукува. Постапете веднаш! Одговорност ќе има!“,
рече портпаролката на СДСМ.
Таа прес-конференцијата истакна дека вистината за Алта банка е веќе излезена на виделина, бидејќи во Србија е отворена истрага, банката е во стечај, а нејзиниот сопственик Давор Мацура е во притвор.
Од друга страна, велат од СДСМ, во Македонија нема никаква реакција од Обвинителството.
Кузеска повторно се осврна на информациите поврзани со влезот на Алта банка во Македонија, посочувајќи на изјавата на гувернерот Славески од петокот дека за тоа се консултирал до премиерот Христијан Мицкоски.
„Има јавно признание од Трајко Славески дека зад одлуката за Алта банка стои Христијан Мицкоски. Иако Народна банка треба да е независна институција“,
кажа Кузеска.
Таа наведе дека иако СДСМ уште во декември лани предупредувала и јавно алармирала дека Алта банка е поврзана со поранешниот српски претседател, Александар Вучиќ, неговата партија СНС и со ВМРО-ДПМНЕ и е со сомнителен капитал, Славески и Мицкоски сепак одлучиле да ја внесат на македонскиот пазар.
Портпаролката на социјалдемократите од Бихаќка, говорејќи во тој контекст, посочи на членот 13 од Законот за банки, псоред кој „акционер со квалификувано учество во банка не може да стане лице или правно лице контролирано од лице на кое му е изречена прекршочна санкција“.
„А ‘Алта груп’ (Alta Group) во 2024 година била правосилно санкционирана од Австриската FMA. Славески морал да знае дека „Алта груп“ или Алта банка никако не може да се стекне со статус квалификуван акционер и не смеел да дозволи влез на Алта банка. Дополнително морал да ја погледне и репутацијата на сопственикот Давор Мацура, банкарот на Вучиќ кој стана банкар на Мицкоски, а сега во притвор“,
рече Кузеска.
Покрај сето тоа, додаде таа, Владата на Мицкоски носела заклучоци со кои му овозможила на Давор Мацура да стекне поголем пакет акции на сметка на државата.
„Не само што му дозволи да купи банка, Мицкоски му дозволи на Мацура да купи и осигурително друштво. Сите овие факти, заедно со јавното признание на Славески за политичко влијание на Мицкоски повикуваат на акција на Обивнителството“,
кажа портпаролката и членка на ИО на СДСМ.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески, минатата недела, одговарајќи на новинарско прашање изјави дека засега е прерано конкретно да одговори дали институцијата со која раководи презема некакви истражни дејствија во врска со случајот со Алта банка.

Тој кажа дека Јавното обвинителство со внимание ја следи ситуацијата со банката и доколку утврди дека има некакви елементи што укажуваат на сторено кривично дело ќе реагира.
„Како и секоја констатирана ситуација којашто буди особен интерес во јавноста, така и ова ситуација се набљудува од страна на Јавното обвинителството и доколку детектираме дека станува збор за нешто што е поврзано со кривично правен настан ние немаме друг избор освен да реагираме. Меѓутоа не можам конкретно да ви одоговрам во овој момент бидејќи тоа е прерано“,
изјави државниот јавен обвинител во четвртокот (5 ноември).
