Од Асоцијацијата повикаа секој предлог за реформа на пензискиот систем да се разгледа во отворена стручна расправа и да се оцени според ефектите врз членовите и врз долгорочната одржливост на системот
Заклучот на фелата е дека за одржливост на пензискиот систем во целина, потребни се реформи како зголемување на стапката на придонеси, постепено зголемување на работниот век, одделување на социјалната категорија на приматели на пензии и ревизија на начинот на којшто се врши усогласувањето на пензиите

пензиски фондови на Северна Македонија / фото: „360 степени“
И покрај критиките на премиерот Христијан Мицкоски, кој смета дека друштвата од вториот пензиски столб се слаби претприемачи, од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиските фондови на Северна Македонија (АДПФ) велат дека добро управуваат со средствата на корисниците и дека реалниот принос од оплодувањето на парите е на средина во однос на земјите со коишто сакаме да се споредуваме. Велат дека куповната моќ на пензиските заштеди реално се зголемила низ годините.
„Точни приноси за изминатите 20 години колку што постои пензискиот систем во Република Македонија се – номинален принос од 5,5% и реален принос од 2,3%. Уште покруцијално прашање е колку пензиските фондови ја зголемиле реалната вредност на парите на уплатите. Во бројки или во проценти денес тоа изгледа вака: ако некој во 2006 година има уплата во задолжителниот пензиски фонд, денес номиналната вредност на парите е зголемена трипати, а реалната вредност на парите е зголемена за 58%“,
кажа Весна Стојановска – заменик-претседателка на АДПФ.

Од Асоцијацијата велат дека важно прашање е што понатаму со сите пари, при што посочија дека приносот многу зависи од инвестициската рамка, стратегијата и од преземениот ризик.
„Тука неминовно ни треба модернизација на инвестициската рамка. Едно од тие прашања коишто денес го отворивме, а и веќе е во некоја процедура, е законот за мултифондови, којшто во иднина ќе ни овозможи со новите лимити, новите правила на инвестирање, очекувања – според нас и според анализи на друштвата – се дека приносот би бил зголемен за 1,5 до 2 процентни поени. Во моментот што значи 5,5% уште еднаш само да споменеме: 1 милијарда и 250 милиони евра принос или износ на остварен принос за 20 години, распределени на индивидуалните сметки на нашите членови, односно идните пензионери“,
додаде Стојановска.
Од АДПФ велат дека капитално финансираното пензиско осигурување не е експеримент, туку реформа која се развива 20 години и која, според нив, ги дава очекуваните резултати. Повторија дека заштедите се лична сопственост и се наследни, што значи дека доколку осигуреникот не ги искористи средствата, тие се предмет на наследување како личен имот. Посочија дека секој член на одредено пензиско друштво, на дневна основа може да ја погледне својата сметка и да провери кога се уплатени придонесите и колку се зголемени по основ на нивно инвестирање. Но, ја споменаа и правичноста.
„Правичноста е важна посебно во последно време кога сè почесто слушаме дека поголем број на пензионери имаат минимална пензија. Минималната пензија значи социјална заштита. Време е точно да ги утврдиме социјалната и пензиска компонента во нивниот обем, да ги утврдиме нивните критериуми за да може да градиме еден долгорочно одржлив пензиски систем. Пензискиот систем е дел од социјалниот систем на секоја држава и затоа социјалниот фактор не смее да биде запоставен. Но, за да биде правилно тестиран и третиран, тој треба да биде утврден во својот обем“,
посочи Снежана Станковиќ од АДПФ.

Таа смета дека треба да се најде баланс и да се осигура долгорочно одржлив и адекватен пензиски систем.
„Денеска слушнавме така и некои чудни случаи: млади со возрасни луѓе како се венчаваат, со некој 30-годишен со 80-90-годишен, и тој после веќе има 50 години пензија. Тоа е изигрување на правата. Ние тоа не може 100% да го спречиме, но треба да го знаеме. Треба да знаеме колку од пензиите се правични и одговараат на работниот стаж и придонесот, а колку од нив претставуваат социјална заштита. Треба тоа точно да го знаеме. И тоа во светот постои, тоа не е нешто ново. Во најразвиените земји точно се знае колку е потребно за некој да има социјална заштита“,
кажа таа.
Прес-конференцијата уследи по стручна тркалезна маса која АДПФ ја спровела со претставници од академската јавност, од регулаторот на капитално финансирано пензиско осигурување, актуари, членови на управни одбори и други лица од фелата.
Заклучот на фелата е дека за одржливост на пензискиот систем во целина, потребни се реформи како зголемување на стапката на придонеси (од 18 на 21, 2% од бруто платата), постепено зголемување на работниот век и одделување на социјалната категорија на приматели на пензии, како и ревизија на начинот на којшто се врши тековно усогласување на пензиите.
Претседателот на Асоцијацијата, Марјан Николовски, вели дека не е прашање дали реформите треба да се направат, туку дека – колку и да се болни – треба што побрзо да се пристапи кон нив.
„Анализата покажуваше дека од моментот на воспоставување на реформираниот пензиски систем пред дваесетина години до денес, животниот век на луѓето во просек е продолжен за 3 години, а во меѓувреме немаме ниту еден месец поместување на старосната граница за пензионирање. Во превод тоа значи дека еден просечен пензионер денес за 3 години би ја користел подолго пензијата во однос на она што било пред дваесетина години. Немаше конкретни предлози колку треба да се зголеми таа старосна граница. Конкретната препорака беше од аспект на транспарентноста на системот за идните генерации, дека би било добро таа промена не да се случи преку ноќ и да ги затече осигурениците коишто се буквално пред пензионирање, туку тоа треба да биде една постепено имплементирана реформа каде што, на пример, од денес за наредните 10, 15 или 20 години би се знаело дека постепено ќе се зголемува границата за пензионирање, пресметано во месеци или во квартали. Значи, ако моменталната максимална граница е 64 години, постепено да одиме на 64 години и 3 месеци, или на 64 години и 6 месеци и така натаму“,
кажа Николовски.

пензиски фондови на Северна Македонија / фото: АДПФ
Инаку, пред десетина дена, премиерот ги нарече пензиските друштва лоши менаџери и оцени дека приносите на средствата на граѓаните коишто се уплаќаат не се во онаа висина во којашто треба да бидат, односно дека се трипати помали.
„Ние разгледуваме некое меѓу, хибридно решение, на коешто граѓаните ќе им се даде слобода, да си донесат самите одлука, дали ќе сакаат да го користат само државниот или ќе сакаат и во државниот и во приватните пензиски столбови, така што, со легачење не може – или ќе се работи, ќе ги засукаат ракавите, не може веќе така како што до сега функционираа работите, бидејќи очигледно дека притисокот станува сè поголем и не можеме неработењето и како да кажам, тие компании кои ја добиле честа да ги управуваат средствата на граѓаните пред 20 години, да ги користат и да не ги оплодуваат онака како што граѓаните очекуваат“,
кажа Мицкоски.
На прашање на „360 степени“, за изјавата на премиерот, претседателот на АДПФ, Николовски кажа:
„Единствен релевантен извор на податоци за остварените приноси и на задолжителните и на доброволните пензиски фондови во номинален и во реален износ е сајтот на Агенцијата за супервизија МАПАС. Значи, ние секогаш кога ги комуницираме резултатите од нашето работење во јавноста, ги комуницираме податоците коишто се јавно објавени и коишто се достапни за да можат да се проверат. Куповната моќ на пензиските заштеди реално се зголемила низ годините“.
Од Асоцијацијата повикаа секој предлог за реформа на пензискиот систем да се разгледа во отворена стручна расправа и да се оцени според ефектите врз членовите и врз долгорочната одржливост на системот.
