„Доколку имаме посериозни траги или основи, за што новинарските истражувања и те како ни значат и помагаат, доколку дојдеме до тој моментум, се разбира дека сите овие теми се следат будно и нè обврзуваат и по оној основ на допрен глас исто така да почнеме да преземаме мерки. Но, за да имате обвинителски став треба да имете нешто пред вас. Во моментов, ова се случувања кои како орган на кривичен прогон, ги следиме“, изјави новата шефица на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева
Новоизбраната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ивана Хаџи Василева, денеска даде свечена изјава пред Советот на јавните обвинители за стапувањето на функцијата. Во изјава за медиумите дадена по свеченоста, таа рече дека како Обвинителство ќе се обидат да испорачаат поефикасен и директен кривичен прогон, особено во предметите од јавен интерес.

„Приоритетите ми се секако утврдени и се размислувани и пред преземањето на функција, особено бидејќи доаѓам од ова Обвинителство, па дел од состојбите ми се познати. Се разбира ќе има и време да се запознаам со други аспекти од работата на Обвинителството кои не подразбираат директна јавнообвинителска работа во предмети. Приоритетите се јасни – ефикасен кривичен прогон, целисходност во нашата работа и користење на ресурсите што ни се ставени на располагање. Знаете дека тие во одреден дел се ограничени, но борба за повеќе ресурси и користење на ова со кое располагаме, се разбира со цел да постигнеме поуспешна работа“,
рече Хаџи Василева во изјава за медиумите.
На новинарска забелешка дека преземањето на функцијата доаѓа во момент кога Европската комисија не нотира напредок во борбата против корупцијата, шефицата на ОЈО ГОКК рече дека е свесна за одговорноста на позицијата и одговорноста која ја налага моменталниот контекст, во однос на нивниот повик и задача.
„Ќе се обидуваме да испорачаме поефикасен, директен кривичен прогон онаму каде што најмногу значи, ако можам така да се изразам, во предмети и во однос на работи кои навистина го засегаат јавниот интерес и кои навистина се во интерес на сите нас, на граѓаните и на општеството“,
рече обвинителката.
„Будно ги следиме случувањата со Алта банка“
Хаџи Василева кажа дека ги следи последните случувања со Алта банка АД Битола, но рече дека е неупатно во овој момент да одговори дали има обвинителски став по ова прашање затоа што треба да види конкретни материјали, а не да се ослонува само на она што се зборува во јавноста или на она што произлегува од новинарски написи.

„Доколку имаме посериозни траги или основи, за што новинарските истражувања и те како ни значат и помагаат, доколку дојдеме до тој моментум, се разбира дека сите овие теми се следат будно и нè обврзуваат и по оној основ на допрен глас исто така да почнеме да преземаме мерки. Но, за да имате обвинителски став треба да имете нешто пред вас. Во моментов, ова се случувања кои како орган на кривичен прогон, ги следиме“,
рече Искра Хаџи Василева.
На новинарско прашање дали постои комуникација меѓу македонското и српското обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, таа рече:
„Тоа е, се разбира начин на работа и нешто на кое нè обврзува законот. Во ситуација кога тргнувате по кое било прашање во некаков кривичен прогон или испитување на некаква ситуација, се разбира дека во тој случај соработуваме со колегите. Конкретно со Србија имаме и добра меѓународна соработка.“
