Во однос на обвинувањата од опозицијата, која бара негова оставка, министерот за здравство рече дека единствено се обидуваат политички да поентираат и дека немаат никаков аналитички концепт
Ако и новопрепорачаните мерки за заштита од ковид-19 не дадат резултат, ќе има препорака за рестрикција во движењето, најави вечерва министерот за здравство Венко Филипче, гостувајќи во вестите на Канал 5.
Тој рече дека болничките капацитети се пополнуваат и дека лекарите и сестрите се под притисок. Но тие, како што посочи, се мотивирани, работат и нема да се случи болните од ковид да останат без медицинска нега.
Поради очекуваниот есенски бран и зголемениот број на нови случаи на коронавирус, Филипче повтори дека Комисијата за заразни болести предложи до Владата нови рестриктивни мерки, како задолжително носење маска на отворено, забрането групирање на повеќе од четири лица по 22 часот.
Зголемени се, посочи Филипче, овластувањата на сите инспекторати што работат на терен, изразувајќи надеж дека и пакетот на дополнителни рестрикции и ингеренции ќе даде резултати.
„Искрено верувам дека овие мерки ќе дадат резултат. Но, доколку не дадат, сигурно дека ќе има препорака за рестрикција во движење. Прво скратување на работните часови на одредени економски субјекти, угостителски објекти…, но и рестрикција во движењето. Видовме какви искуства имаа некои земји кои нагло ги отворија градинките и училиштата. Затоа ние поучени од тоа, постепено ги отворивме училиштата. Тие земји се соочија со еден нагол скок на случаи, нагло оптеретување на болничките капацитети, како во Израел, каде што мораа да воведат рестрикција во движењето. Тоа ќе следи ако имаме и понатаму зголемување на бројот на дијагностицирани случаи и дополнително оптеретување на болничките капацитети“,
потенцираше Филипче.
Во однос на обвинувањата од опозицијата, тој посочи дека единствено се обидуваат политички да поентираат и дека немаат никаков аналитички концепт, ниту пак намера нешто добро или квалитетно да препорачаат.
„Да сакаа да помогнат, ако ништо друго ќе го потпишеа заемот. Дополнителната заменичка министерка за финансии не го потпиша заемот кој беше помош за нашиот здравствен систем, 35 милиони евра од Светската банка. Тоа е кредит кој од почетокот на кризата го добија 100 земји во светот. Да го потпишеше тогаш опозицијата во техничката влада сега мобилните ковид центри ќе беа инсталирани насекаде во државата. Апсолутно сметам дека станува збор за крајно несериозен пристап“,
рече Филипче.
Тој претходно објави и статус на фејсбук, апелирајќи до граѓаните да не се групираат.