Јавна тајна е дека станува збор за уште еден партиско-политички договор во власта. Само исто така е јавна тајна дека таму имало две струи, едните за едниот, другите за другиот, па победил овој, вели Мицкоски, додавајќи дека е тажно што се продолжува со партизирање на инситуциите кои треба да бидат носители на правда и дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт обвинителството и судството „ќе бидат ослободени од партиско-политички договори и партиско-политички стеги“
Продолжување на партизацијата на правосудниот систем е коментарот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со изборот на Ислам Абази за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Јавна тајна е, вели Мицкоски, дека станува збор за уште еден партиско-политички договор во власта.
„Само исто така е јавна тајна дека таму имало две струи, едните за едниот, другите за другиот, па победил овој. Продолжува партизацијата и затоа следната анкета нема да биде довербата во судството и обвинителството е осум проценти, туку ќе биде еден, два или три проценти. Претпоставувам дека тоа се овие неколку фамилии кои што се денеска во власта и од ДУИ и од СДСМ“,
изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на општина Зелениково.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна оти е тажно што се продолжува со партизирање на инситуциите кои треба да бидат носители на правда и додаде дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт обвинителството и судството „ќе бидат ослободени од партиско-политички договори и партиско-политички стеги“.
Гостиварскиот виш јавен обвинител, Ислам Абази во понеделникот беше избран за нов шеф на ОЈО ГОКК на првите непосредни избори за избор на раководител на Обвинителството задолжено за борба против криминалот и корупцијата во државата.
Абази на изборите имаше тројца противкандидати: Ермон Незири, Вилма Русковска и Деса Пауновска. Тој победи со 66 освоени гласа или само два повеќе од Незири.
Тој вчера излезе на прес-конференција и тврдеше дека иако е соселанец со Али Ахмети, нема лични контакти со него или со друг функционер од ДУИ. Дружбите со функционери, според обвинителот, не се забранети, но се непристојни.
По ваквите изјави, во медиумите на албански јазик излегоа фотографии од кои на едната Абази е фотографиран со Невзат Бејта, поранешен градоначалник на Гостивар и висок функционер на ДУИ, а на друга е во друштво на Дилавер Бектеши, обвинител од Кичево, кој исто така се поврзува со ДУИ, а во јавноста е познат како вишиот обвинител од случајот „Титаник 3“ во кој им се судеше на единствените функционери од ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури, случај кој со години се влечеше и беше вратен на повторно судење.
Министерот за правда, Никола Тупанчески, но, и претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска излегоа со оценки дека моделот за избор на Јавен обвинител на ОЈО ГОКК има недостатоци
„По мене, се заборави на критериумите за квалитет на оценките што ги дава Советот на јавни обвинители и на програмата за работа, а сето тоа се елементи што ќе дадеа појасна слика за кој човек се работи, каква позадина има во својот професионален дел од работата. Така сликата ќе ни беше поцелосна“,
изјави Ивановска.
Претседателката на Антикорупциска посочи дека не можат да кажат дали некој им наметнал на обвинителите како да гласаат, меѓутоа, како што рече, во отсуство на некои од критериумите се остава простор да помислат дека постоело некакво влијание.
„Она што можеби во иднина треба да се преземе е дека тој модел не е доизграден и сметам дека доколку бидат додадени некои дополнителни критериуми во однос на изборот мислам дека би стигнале до подобри резултати и пообјективен избор“,
рече денеска Тупанчески.
Тој додаде дека времето ќе покаже дали обвинувањата за поврзаноста на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Ислам Абази со ДУИ имаат реална основа или не.