Лозарите алармирале дека црното грозје од сортата вранец не се откупува, им скапува, а белото грозје се откупува по понижувачка цена од 14 денари за килограм

Лозарите денес се соочуваат со ситуација во која вложениот труд, средства и целогодишната работа им пропаѓаат пред очи, а власта не носи никаква мерка за да им помогне да ја пребродат кризата, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната средба со лозари во неготинското село Тремник.
Лозарите алармирале дека црното грозје од сортата вранец не се откупува, им скапува, а белото грозје се откупува по понижувачка цена од 14 денари за килограм.
Според Филипче, ова не е проблем само на лозарите од Неготинско, туку состојба со која се соочуваат лозарите во целата држава.
„Во услови кога власта има 5,5 милиони евра за Дејвид Гета, за лозарите нема пари“,
вели Филипче.
На средбата тој потсетил дека во времето на владите на СДСМ трудот на лозарите бил ценет и вреднуван.
„Се зголемија субвенциите и навреме се исплаќаа, секогаш кога лозарите се соочуваа со проблем, владите на СДСМ носеа интервентни мерки, што не е сега случај со власта на ВМРО“,
додава тој.
Филипче најави дека согласно сегашната состојба на терен, кога големи количини грозје скапуваат, СДСМ повторно ќе предложи конкретни мерки за да им се помогне на лозарите.
„Ќе направиме предлог-мерка за поддршка на лозарите согласно состојбата на терен, колку од лозарите имаат предадено грозје за откуп, колку немаат, колку од грозјето скапува по нивите и од дождот, и според тоа во најкус рок ќе дадеме соодветен предлог во Собранието за помош на лозарите“,
рече Филипче.
Инаку, и претходно, уште на почетокот на откупот, СДСМ предложи да се зголеми откупната цена за 5 денари по килограм, да се укине осумпроцентниот попуст што се бара за побрза исплата и интервентен откуп од страна на државата на црното грозје кое ќе остане непродадено, но Владата не ги прифати мерките.
