Од ресорното министерство посочуваат оти експертите дале многу позитивна оценка за предлог-законските решенија, посочувајќи ги како современа, јасна и меѓусебно усогласена рамка за геолошките истражувања и рударските активности. Со експертизата била направена и компаративна анализа со законодавствата на шест земји членки на ЕУ, при што било утврдено дека македонскиот модел е во согласност со релевантните европски практики
Предлог-законите за геологија и за рударство се современи, сеопфатни и во значителна мера усогласени со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики. Ова било утврдено со независната експертска ревизија на двете законски решенија, чиј предлагач е Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Од ресорното министерство посочуваат оти експертите дале многу позитивна оценка за предлог-законските решенија, посочувајќи ги како современа, јасна и меѓусебно усогласена рамка за геолошките истражувања и рударските активности. Во рамки на експертизата била направена и компаративна анализа со законодавствата на шест земји членки на ЕУ – Австрија, Германија, Полска, Чешка, Финска и Хрватска, при што било утврдено дека предложениот македонски модел е во согласност со релевантните европски практики.
„Нашата цел не е само формално усогласување со европското законодавство. Сакаме да донесеме закон кој ќе биде функционален, применлив и современ, закон кој ќе создаде јасни правила и правна сигурност, ќе овозможи развој на рударскиот сектор и одговорни инвестиции, но истовремено ќе гарантира дека јавниот интерес, граѓаните, животната средина и локалните заедници нема да бидат ставени во втор план“,
порачала министерката за енергетика Сања Божиновска на денешната средба со експертите.
Во оваа смисла, таа посочила дека земјава има потенцијал за развој на рударстово, кое, како што рекла, треба да биде двигател на економскиот развој потенцирајќи дека идниот развој мора да се темели на високи стандарди, транспарентни процедури, јасни правила и одговорно управување со природните богатства.
„Експертската ревизија е важен чекор во процесот на финализирање на законските решенија бидејќи овозможува дополнителна стручна проверка и споредба со искуствата на земјите членки на ЕУ“,
велат од Министерството и додаваат дека продолжува процесот за финализирање на предлог-законите, со определба конечните решенија да бидат современи, усогласени со европските стандарди.
Ревизијата на предлог-законите за геологија и за рударство е изработена од Кристи Дизни Брукнер – меѓународен експерт за рударски политики и законодавство и проф. д-р Вјечеслав Боханек – регионален академски и стручен експерт со директно искуство во хрватското рударско законодавство, во соработка со граѓанската организација „Нов Трет Пат“. Во процесот биле вклучени и претставници на Министерството за енергетика, Геолошкиот завод и Инспекторатот за енергетика и минерални суровини.
