Адвокатот пред судот раскажа дека таткото на обвинетиот, запрашан за сумата, рекол дека станува збор за повеќе од 300, односно околу 350 илјади евра
Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева по денешното судење изјави дека сведокот на одбраната дал некредибилна изјава во клучни делови. Според неа, дел од сведочењето се однесувало на основни факти, кои наоѓаат поткрепа во она што се случувало при претресот како динамика на постапување на полицијата
На денешното рочиште од судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, обвинет за прикривање имот и перење пари, сведочеше адвокатот Александар Варела, сведок на одбраната, кој зборуваше за претресот во семејниот дом на родителите на Ристов, каде во ѕидот од кујната беа пронајдени 350 000 евра завиткани во алуминиумски фолии.

Варела пред судот раскажа дека при вториот претрес, во јануари годинава, полицијата во кујната ги отстранила плочките и во отвор на ѕидот се пронајдени 13 пакувања со пари.
Со цел да присуствува на претресот, бил повикан од страна на синот на Здравко, Ангел Ристов. Посочи дека претресот бил интензивен и траел два дена.
Според неговото сведочење, таткото на Ристов, Здравко, рекол дека пронајдените пари се негови.
При повторниот преглед биле проверувани плочките во кујната, со сомнение дека некои од нив даваат тап удар.
Посочи дека од однесувањето на Здравко Ристов можело да се заклучи оти знаел за парите, но дека тоа претходно не му го кажал како негов адвокат.
„И јас бев таму, сопственикот Здравко и двајца полицајци, кои ги одлепуваа плочките. Здравко приговараше да не ги кршат плочките оти ќе требало пак да се вратат. Но, тие не можеа да најдат ништо и почнаа да ги кршат сите по ред. Кога дојдоа до последниот ред се појави дупка. Здравко рече: ‘Ај биде‘. Значи биднало“,
рече тој.
Потоа рече дека нема потреба да се повикуваат специјалци бидејќи станува збор за пари.
Адвокатот пред судот раскажа дека таткото на обвинетиот, запрашан за сумата, рекол оти станува збор за повеќе од 300, односно околу 350 илјади евра.
„Ми рече ‘не знаев дека ќе одат толку далеку, не сакав децата да знаат дека имам пари‘. Му реков дека сега може да му ги земат, на што ми одговори ‘што сака нека прават, мои се парите‘“,
вели тој.
На прашање на Обвинителството дали во куќата имало вреќи со цемент и лепила, сведокот одговори потврдно.
„Имаше цемент во помошната просторија, заедно со други вреќи со песок и материјали, како што има во секоја куќа“,
кажа адвокатот.
Посочи дека и полицијата го прашала Здравко Ристов дали е негов цементот и дали во скоро време нешто реновиларе.
„Рече дека цементот е негов. Го прашаа дали реновирал нешто. Првин рече не, зашто мислеше на некој поголем зафат, а потоа рече дека плочките под скалите се свежо лепени“,
вели Варела.
Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева по денешното судење изјави дека сведокот на одбраната дал некредибилна изјава во клучни делови. Според неа, дел од сведочењето се однесувало на основни факти, кои наоѓаат поткрепа во она што се случувало при претресот како динамика на постапување на полицијата.
„Во однос на некои факти, тој даваше невистините изјави бидејќи не коинцидираат со материјалните докази и видеоматеријалот што го видовме на претходните рочишта“,
рече Хаџи Василева.
На рочиштето сведочеше и сведок на Обвинителството, сопственик на продавница за мобилни телефони и вработен во МВР во областа на кибербезбедноста. Тој пред судот рече дека на 3 декември 2025 година не добил телефон од Ѓоко Ристов и дека на Обвинителството му ја предал целокупната документација за прием на уреди на сервис.
Сведокот посочи дека не се сеќава дали Ристов по 19 часот дошол во продавницата со црн „самсунг“ со скршен екран и побарал да се извлечат податоци од телефонот.
Според Обвинението, Ристов се гони за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари.
На 17 април Јавното обвинителство соопшти дека во рамките на истрагата биле преземени повеќе дејства и извршени претреси, при што на 18 јануари годинава во домот на родителите на Ристов во Неготино биле пронајдени 350 000 евра, за чие потекло, според Обвинителството, судијата немал доказ и не ги пријавил.
