На едната фотографија Абази е фотографиран со Невзат Бејта, поранешен градоначалник на Гостивар и висок функциионер на ДУИ, а на друга е во друштво на Дилавер Бектеши, обвинител од Кичево, истакнат член на ДУИ
Откако јавно пред новинарите изјави дека немал лични контакти ниту со лидерот на ДУИ Али Ахмети, ниту со друг функционер од ДУИ, на социјалните мрежи испливаа фотографии од новоизбраниот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Ислам Абази, со високи функционери од редот на интегративците.
„Дружењето со такви личности не е забрането, тоа е непристојно дружење, а не е дека не смее“,
рече денеска Абази во неговото прво појавување во јавноста.
Но фотографиите кои испливаа во јавноста, а кои ги објавија некои портали на албански јазик, говорат сосема нешто друго. На едната од нив Абази е фотографиран со Невзат Бејта, поранешен градоначалник на Гостивар и висок функциионер на ДУИ, а на адруга е во друштво на Дилавер Бектеши, обвинител од Кичево, истакнат член на ДУИ. Тој беше виш јавен обвинител во случајот „Титаник 3“ во кој им се судеше на единствените функционери од ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури, случај кој со години се влечеше и беше вратен на повторно судење.
Бејта во изјава за „Фокус“ вели дека го познава новиот раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но објаснува дека сликата е направена пред околу десетина година, најверојатно на Кораб.
Тогаш, како што вели Бејта, никој не знаел дека Абази ќе го води Обвинителството и дека ништо не значи ако Бејта или обвинителот се слика со некого.
По поминати околу една година како основен јавен обвинител во Кичево, во 2013 Абази станува виш јавен обвинител во Гостивар. Работи околу пет години за потоа да стане и шеф на ова Вишо јавно обвинителство (ВЈО). По еден мандат на чело на ВЈО Гостивар од 2018 до 2022, Ислам Абази сега ќе се пресели на ново шефовско столче. Ќе ја наследи Вилма Русковска во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) откако вчера со 66 гласа победи на непосредните избори на кои гласаа обвинителите од цела држава.
Пред новинарите тој се пофали дека во досегашното работно искуство учествувал и во разни групи за донесување закони, подзаконски акти, пишување коментари за закони итн. А, дали некогаш анализирал зошто во 20-годишно владеење на една политичка партија, конкретно ДУИ, нема ниту еден случај на корупција кај повисок функционер, тој одговори дека таквите дела не биле негова надлежност.