Српските, албанските, грчките, хрватските, бугарските медиуми пренесуваат детали за грабнувањето и убиството на младата тинејџерка опишувајќи го како голема трагедија
Медиумите од регионот денеска објавија вести за најновите детали поврзани со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, повикувајќи се на информациите од прес-конференцијата на министерот Оливер Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски. Српските, албанските, грчките, хрватските, бугарските медиуми пренесуваат детали за грабнувањето и убиството на младата тинејџерка опишувајќи го како голема трагедија, пишува МИА.
Медиумите во Србија – РТС, РТВ, ТВ Н1, Еуроњуз Србија, ТВ Нова, Политика, Танјуг, Данас, Блиц, Курир, ги пренесуват „шокантните“ детали за грабнувањето и убиството, апсењето на обвинетите, мотивите и инволвираноста на петтемина осомничени во оваа трагедија што ја потресе Македонија.
„Главниот организатор и извршител кој на 27.11.2023 година некаде околу 11.00 часот ја уби малолетничката со пиштол во страв од доказите до кои МВР може да дојде, го извршил ова кривично дело. Ќе сторам сè за да го изведам овој монструм пред лицето на правдата штом стапне на наша почва“,
го цитираат медиумите министерот Спасовски.
Тие пишуваат дека првоосомничениот за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Жежовски е Љупчо Палевски-Палчо које е во бегство заедно со неговиот адвокат, чиј идентитет обвинителот Гаврил Бубевски не можеше да го открие поради истрагата.
„Државата ја напуштил со автомобил и се упатил во Белград. Потоа оттаму отишол следниот ден во Бугарија, а сега полицијата е во траг на Палевски, но Спасовски не сакаше да открие каде се наоѓа“,
соопштија српските медиуми.
Како што пишува Блиц, Љупчо Палевски неодамна бил приведен во Хрватска, а како што се дознава, пред неколку години бил приведен и во Србија по хрватска потерница. Според пишувањето на Блиц, тој бил приведен во Белград во 2019 година, кога сакал да се качи на авион за Москва.
Медиумите ја наведуваат изјавата на обвинителот Бубевски дека „осомничените кои се во притвор ќе одговараат за опасност од бегство и влијание и најстрога можна мерка. За лицето кое не е во земјата ќе биде распишана меѓународна потерница.
Хрватските медиуми јавија дека не е јасна поврзаноста меѓу убиството на 74-годишникот Панче Жежовски и Вања. Медиумите во Загреб пренесуваат дека ниту еден од семејството на Панче не ја познавал Вања, ниту кој било друг од нејзината фамилија. Тие јавија дека според неофицијални информации, во случајот со Вања станува збор за изнуда на пари од нејзините родители. Дел од нив јавија дека Палевски бил приведен во Хрватска.
„Она што најмногу ги измачува Македонците е фактот дека исчезнувањето на Вања е пријавено два пати во различно време“,
наведува „Слободна Далмација“.
Бугарските медиуми јавија дека извршителот на убиството на В. Ѓ. ја напуштил нашата држава со автомобил со својот адвокат и заминал за Белград, по што се упатил во Бугарија. Тие пренесуваат детали од утринската прес-конференција на министертот за внатрешни работи Оливер Спасовски и обвинителот Бубевски.
Во нивните извештаи се додава дека таткото на Вања е нарачател на убиството. Во дел од нив се наведува дека осомничениот убиец Љупчо Палевски е „еден од директните одговорни за омразата кон Бугарија“.
Медиумите кај нашиот источен сосед нагласуваат дека државава е потресена од убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Целта на киднапирањето на Вања, пишуваат тие, е изнуда на пари од мајката, која била разведена од сопругот, татко на малолетничката. Пренесуваат дека киднаперите откако ги фатило паника, одлучиле да го убијат девојчето со пиштол.
Албанските медиуми, без исклучок, кои и претходно информираа за случувањата околу исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска, информираат опширно и за последните случувања.
„Ужас предизвикан од најблиските“, медиумите ги нарекуваат двете убиства што деновиве ја разбрануваа пошироката јавност во регионот, тоа на Лиридона Адемај (32) од Косово, мајка на две деца, чие убиство го нарачал нејзиниот сопруг за 30 илјади евра и која беше егзекутрана пред очите на децата, а во присуство на сопругот, со цел да добе милионски износ на средства од осигурувањето, како и убиството на Вања за кое пишуваат дека „никаков паричен интерес не може да го оправда однесувањето на таткото“.
„Исчезнатото девојче во Скопје пронајдено мртво“, „Во грозоморниот чин вмешан и таткото“, „Настан кој ја вознемири јавноста во поширокиот регион заврши трагично“ се дел од насловите на информациите што ги пренесуваат медиумите.
„Настанот што ја шокираше јавноста во Северна Македонија и пошироко, доби завршница од која многумина стравуваа. Полицијата товари повеќе од пет лица, од кои тројца веќе се во притвор. Скопското обвинителство соопшти дека на распит е и таткото на убиеното девојче, чија смрт е трагедија за семејството, но и за нејзините соученици и сите граѓани“,
наведува Топ чанел.
Медиумите ги пренесуваат и изјавите на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при тоа оценувајќи дека полицијата покажала висока ефикасност во расветлувањето на случајот.
„Полицијата ќе направи сè за да се изведе пред лицето на правдата главниот сторител на делото. Станува збор за лицето со иницијали Љ. П. од Скопје, надалеку познат како водач на политичката партија Десна. Ќе направиме сè овој човек или овој монструм штом стапне на нашата земја да биде изведен пред лицето на правдата“,
го пренесуваат албанските медиуми министерот Спасовски.
Медиумите го пренесуваат и целиот тек на грабнувањето на Вања, повикувајќи се на изјавите на македонските надлежни органи.
„Шокантно, трагедија, ужас, исчезнатото 14-годишно девојче во Скопје е пронајдено убиено. Во случајот вмешан и таткото на девојчето, кој помогнал во киднапирањето, а потоа пријавил негово исчезнување. Она што е проблематично е што тој се јавил во 11 часот или час по убиството на девојчето“,
наведува Ора њуз.
Јавноста е во шок по убиството на 14-годишното девојче, кое пред една недела беше киднапирано пред нејзиниот дом во Скопје, а вчера беше пронајдена мртва на локација надвор од Скопје. Во киднапирањето на 14-годишната наводно е вмешан и нејзиниот татко, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, на почетокот од текстот за убиството на Вања, текст кој го презедоа онлајн медиумите во Грција.
„Скопје: Мртва 14-годишната која беше киднапирана – се истражува вмешаност на нејзиниот татко“; „Шок од суровото убиство на 14-годишната Вања која беше киднапирана во Скопје“; „Северна Македонија: Пронајдена мртва 14-годишната, која беше киднапирана во Скопје“; „Скопје: пронајдена мртва 14-годишната – се бара нејзиниот убиец“; „Пронајдена мртва 14-годишната киднапирана во Скопје – се чини дека е вмешан нејзиниот татко“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми, кои ја пренесуваат веста од АНА-МПА.
Грчката новинска агенција ги пренесува изјавите на министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, и ставот дека мотивот за киднапирањето била лична корист, со цел киднаперите да извлечат пари од мајката на 14-годишната, но и дека наводно, добиените информации за девојчето биле од нејзиниот татко.
* Поврзани вести:
- Бугарско МВР: Нема информации дека Палевски е на бугарска територија
- (ФОТО) Телма стигна до локациите каде што биле закопани Вања и Панче
- Палевски имал серија кривични пријави, од даночно затајување до илегално оружје и прислушување
- Кој е Љупчо Палевски – првоосомничениот за двојното убиство
- Го однел во Белград на преглед, не знаел дека е вмешан во грабнувањето и убиството на Вања, тврди адвокатот на Палевски
- Првоосомничениот за убиството на Вања заминал од земјава со својот адвокат, прво за Белград, а потоа за Бугарија
- Вања била грабната од влезот на зградата, со врзани раце и нозе, во вреќа за спиење била ставена во гепек и однесена надвор од Скопје
- Бубевски: Тројца од петтемина осомничени го признаа делото