Последната кривична пријава против Палевски била во 2020 година, кога за него е поднесена кривична пријава за недозволено држење оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија
Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жеровски, има низа кривични пријави во периодот од 2000 до 2020 година.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека против Палевски во 2019 година е поднесена кривична пријава за неовластено прислушување и тонско снимање.
Во текот на истата година, како што велат од МВР, поднесени се прекршочни пријави поради омаловажување полициски службеник.
„Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување“,
се вели во соопштението на МВР.
Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, првоосомничениот Љ.П. за убиството на 14-годишната Вања побегнал прво во Белград, а потоа во Бугарија.
Адвокатот на првоосомничениот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панчо Жежовски, Васко Стојков, за ТВ Телма вели дека го однел Љупчо Палевски-Палчо во Белград на преглед затоа што немал возило и не знаел дека е вмешан во двете убиства.
Палевски е еден од творците на урбаната мафија бидејќи на јавна сцена за неговото име првпат се слуша кога се менуваат урбанистичките планови за скопско Дебар Маало и од мали семејни куќички во срцето на Скопје почнуваат да никнуваат згради. И објектот на ул. „Н.Н. Борче“ пред кој беше киднапирана Вања Ѓорчевска го градеше Палевски.