„Овој упад што е направен, буквално е киднапирано лице кое сега е бегалец од правдата, нема да заврши вака едноставно. Но, ние нема да дозволиме да бидеме жртва на емотивни реакции и ќе продолжиме со она што е наш интерес, а тоа е процесот на евроинтеграции. Нема да ги напуштиме преговорите, напротив, ќе ги засилиме нашите барања за средби, за дијалог и за барање решенија“, вели премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски не очекува бугарските власти да кажат дека учествувале во изнесувањето на Ива Михаилова од земјава.

На новинарско прашање како го коментира негирањето на бугарското Министерство за надворешни работи дека бугарските власти учествувале во изнесувањето на Михаилова од земјата, тој одговори со контрапрашање:
„Што очекувате, да кажат дека учествувале?“
Потоа, повика да се почека исходот од истрагата и најави дека доказите прво ќе им бидат презентирани на партнерите во НАТО, со цел, како што рече, да се покаже однесувањето на партнерските земји во Алијансата.
„Овој упад што е направен, буквално е киднапирано лице кое сега е бегалец од правдата, нема да заврши вака едноставно. Но, ние нема да дозволиме да бидеме жртва на емотивни реакции и ќе продолжиме со она што е наш интерес, а тоа е процесот на евроинтеграции. Нема да ги напуштиме преговорите, напротив, ќе ги засилиме нашите барања за средби, за дијалог и за барање решенија“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на новото основно училиште во скопската населба Ченто.
Според него, Македонија има свои алатки и механизми за дејствување на меѓународната сцена, а целта е Михаилова и нејзиниот татко, кој е првостепено осуден, да бидат изведени пред лицето на правдата.
Бугарското Министерство за внатрешни работи претходно соопшти дека не презело мерки за утврдување каде се наоѓа Михаилова на територијата на земјата и дека таа не може да биде екстрадирана во Македонија поради уставните одредби на земјата што го регулираат екстрадирањето бугарски државјани во друга земја.
„Со одговорот на бугарските власти, најпрвин паднаа во вода координираните напади коишто доаѓаат оттаму и од нашата опозиција дека нешто било договорено. Имавме ние барање за потерница и очекувам едниот, кој е првостепено осуден, а тоа е родителот на Ива, да биде вратен, а таа да дојде да ја докажува својата невиност пред судовите во Македонија“,
вели тој.
Смета дека овој случај ѝ нанел голема дипломатска штета на бугарската влада.
„Овој неуспешен обид нанесе голема штета, дипломатска штета на владата во официјална Софија. Но, тоа е нивен проблем, а наш проблем е бегалецот од правдата и бегалката да ги изведеме пред лицето на правдата. Кажав и вчера, еве и повторно дека кога тогаш тоа ќе се случи“,
додаде премиерот.
Премиерот вчера првпат се произнесе за случајот со бегството на Михаилова и посочи дека таа, која треба да ја докажува својата невиност, и нејзиниот татко, кој треба да одговара пред македонските власти, ќе одговараат кога-тогаш.
Во однос на нејзиното заминување во Бугарија, ги отфрли како невистинити тезите дека таа и нејзиниот адвокат ја поминале границата на регуларен граничен премин. Рече дека Михаилова на нелегален начин е пренесена во Бугарија, а на кој начин точно, истражува Министерството за внатрешни работи.
Инаку, Ива Михаилова е жителка на Кочани со македонско и бугарско државјанство против која се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици. Во текот на процесот таа тврдеше дека е жртва на дискриминација поради тоа што има двојно македонско и бугарско државјанство и дека не ѝ се дозволува заминување на лекување во Бугарија.
Нејзиниот татко Симеон Михаилов, кој исто така е во Бугарија, е правосилно осуден на 12,5 години затвор во случајот „Детонатор“ и треба да ја издржува затворската казна во Македонија.
