„Не би сакал да верувам дека моменталното политичко водство кај нашиот источен сосед ќе биде алиби за осудени криминалци од државата да вадат бугарски пасоши и преку илегални премини да бегаат и да бараат прибежиште таму“, кажа Мицкоски во интервју за емисијата „Клик плус“ на телевизија 21 емитувано вечерва
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека за случајот со Ива Михаилова земјава ќе разговара со своите меѓународни партнери, бидејќи, како што вели, наш партнер во НАТО станува прибежиште за осудени или лица против кои се водат судски постапки.

Случајот со Михаилова и нејзиниот татко, рече Мицкоски во интервју за емисијата „Клик плус“ на телевизија 21 емитувано вечерва, може да стане алиби за осудени криминалци кои би ваделе бугарски пасоши за да да ја избегнат правдата, бегајќи во Бугарија.
Премиерот кажа дека ова прашање ќе биде покренато на состаноците во рамките на НАТО, а за случајот ќе се разговара и со партнерите во Европската Унија, чија земја членка е Бугарија.
„Ова ќе биде покренато и на состаноците со НАТО-алијансата, бидејќи наш партнер во НАТО денеска е прибежиште на осудени криминалци и ние очекуваме во најскоро време тие да бидат испорачани на правдата. Исто така, ова ќе биде покренато и кај нашите партнери во Европската Унија. Не би сакал осуден криминалец да биде причина за неспроведување на правдата, не би сакал да верувам дека моменталното политичко водство кај нашиот источен сосед ќе биде алиби за осудени криминалци од државата да вадат бугарски пасоши и преку илегални премини да бегаат и да бараат прибежиште таму“,
кажа Мицкоски.
Според премиерот, има политички сили кои очекуваа емотивна реакција од властите во Македонија во врска со случајот, но, напротив, рече тој, земјава реагира надвор од ваквите очекувања, повикувајќи на дијалог за изнаоѓање решенија за проблемите. Тој го повтори ставот што го нкажа претходно денеска во изјава за медиумите, дека Ива Михаилова и нејзиниот татко ког-тогаш ќе се соочат со правдата.
Инаку, таткото на Ива Михаилова, Симеон Михаилов, кој исто така е во Бугарија и се бара со меѓународна потерница, е правосилно осуден на 12,5 години затвор во случајот „Детонатор“ и треба да ја издржува затворската казна во Македонија.
Во однос на заминување на Михаилова во Бугарија, Мицкоски во интервјуто уште еднаш ги отфрли како невистинити тезите дека таа и нејзиниот адвокат ја поминале границата на регуларен граничен премин. Како таа излегла од Македонија и влегла во Бугарија, рече, е предмет на истрагата на Министерството за внатрешни работи, кое, според неговите очекувања треба брзо да дојде до одговорите.
Но, она што загрижува, додаде тој е координираната акција на македонската опозиција и бугарски медиуми со цел да ѝ наштетат на Владата.
„Ако забележите, медиумите кои се провладини кај нив (во Бугарија н.з.) и нашата македонска опозиција што имаат заедничко? Заедничка е тезата дека ова било договорено. Добро, еве ако е договорено, сега има меѓународна потерница, ве молам испорачајте ги. Ако не ги испорачаат, тоа значи дека нивната теза не е вистина. Тоа значи дека таа на нелегален начин е однесена во Бугарија“,
изјави Мицкоски.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5, рече дека заминувањето на Ива Михаилова во Бугарија го гледа во контекст на претстојните претседателски избори во земјата, кои се закажани за 25 октомври, оцениувајчи дека на политичките актери во Софија при секој изборен циклус им треба тема поврзана со Македонија што ќе доминира во јавниот дискурс.
На прашањето дали смета дека Бугарија како држава е инволвирана во бегството на Михаилова и дека на некој начин го овозможила, Николоски рече дека тоа ќе го покаже истрагата, но, додаде оти тоа што нема соодветна реакција од Софија, која на некој начин се однесува и заштитнички, многу зборува.
Инаку, Ива Михаилова е жителка на Кочани со македонско и бугарско државјанство против која се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици. Во текот на процесот таа тврдеше дека е жртва на дискриминација поради тоа што има двојно македонско и бугарско државјанство и дека не ѝ се дозволува заминување на лекување во Бугарија.

Во рамките на постапката од страна на судот и беа одземени македонскиот и бугарскиот пасош, но таа во понеделникот се појави пред медиумите во Софија, наведувајќи дека одлуката да замине во Бугарија е поради влошената здравствена состојба во која се наоѓа.
Основниот суд во Кочани завчера на предлог на кочанското Основно јавно обвинителство на Михаилова ѝ одреди 30-дневен притвор, по што по неа беше распишана централна и меѓународна потерница.
Бугарското Министерство за внатрешни работи вчера соопшти дека не презело мерки за утврдување каде се наоѓа Михаилова на територијата на земјата и дека таа не може да биде екстрадирана во Македонија поради уставните одредби на земјата што го регулираат екстрадирањето бугарски државјани во друга земја. Повикувајќи се одредбите од уставот, оттаму наведоа дека бугарски државјанин може да биде екстрадиран во друга земја или на меѓународен суд за цели на кривично гонење само ако тоа е предвидено во меѓународен договор што е ратификуван, објавен и стапил во сила во земјата. Дополнително се повикаа и на членот 6, став 1а од Европската конвенција за екстрадиција, според кој секоја договорна страна има право да одбие екстрадиција на своите државјани.
