Министерот за внатрешни работи посочи дека нејзиниот последен легален излез од Македонија и влез во Бугарија, како и движењето во обратна насока, биле направени во текот на 2025 година
Истрагата ќе утврди како Ива Михаилова излегла од Македонија, но факт е дека во текот на 2026 година таа не е евидентирана на граничните контроли ниту во земјава ниту во Бугарија. Ова вечерва во гостување во „Дневникот“ на телевизија Сител го изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски коментирајќи го случајот со бегството на Михаилова, против која во земјава се води судски процес за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Посочи дека нејзиниот последен легален излез од Македонија и влез во Бугарија, како и движењето во обратна насока, биле направени во текот на 2025 година.
Овие податоци, како што рече, се разменети преку заедничкиот координативен центар што го имаме со Бугарија, односно службите што работат таму вчера провериле кога последен пат таа излегла од Македонија и влегла во Бугарија и обратно.
„Истрагата ќе даде одговори на сите детали како лицето практично избегало од Македонија. Факт е дека лицето нелегално излегло од Македонија и нелегално влегло во Бугарија. Особено што нелегално излегло од Македонија“,
вели министерот.
Според него, секој заслужува медицински третман во рамки на која било постапка. Но, додаде и дека во рамки на еден кривично-правен настан, каде што учесник било и лицето што нелегално излегло од државата, има загинат човек како последица на сообраќајна несреќа.
„Дали Бугарија е прибежиште за осудени криминалци или, пак, лица што сакаат да избегнат одговорност од процеси што треба на крајот да ја донесат правдата“,
кажа тој.
Министерот ги демантира наводите дека адвокатот ја изнел Михаилова од Македонија
Наспроти наводите во бугарските медиуми дека адвокатот Николај Димитров ја изнел Ива Михаилова од Македонија, тврдејќи дека како родољуб не можел да ја остави својата сограѓанка и дека македонските гранични служби знаеле за нејзиното преминување, Тошковски ги демантира шпекулациите дека таа ја напуштила државата во негово присуство.
Посочи дека Димитров легално ја преминал границата во текот на минатиот месец и додаде дека се истражува секое евентуално незаконско помагање при нелегалното изнесување од државата на лице против кое се води кривична постапка.
„Адвокатот тврди дека излегол со неа на граница, а последен влез и излез го има во текот на минатиот месец. Адвокатот може да тврди што сака, но фактите и доказите говорат друго“,
вели тој.
Се проверуваат, како што вели, и снимките од граничните премини, со цел да се утврдат околностите во кои постапувале полициските службеници во изминатите денови. Најави одговорност за секој за кого ќе се утврди дека постапувал спротивно на законот, без разлика дали станува збор за гранична полиција, внатрешна контрола, крим-полиција, организиран криминал ли други полициски служби.
„Министерството за внатрешни работи има непобитни материјални докази со кои потврдува дека лицето Ива Мијаилова на 10 октомври вечерта се наоѓа на територија на Македонија“,
вели Тошковски.
Построги мерки за лица со двојно државјанство
На новинарско прашање дали треба на државјани на земји членки на ЕУ да им бидат одземани личните карти, Тошковски рече дека согласно информациите со кои располага, Михаилова редовно се јавувала на термините што ѝ биле утврдени од судот во рамки на ОВР Кочани.
„Ниту еднаш не пропуштила да се јави во одредените временски интервали што ѝ биле зададени. Имало позитивно поведение од нејзина страна во изминатиот период кога ѝ биле одземени пасошите и присуствувала на секое рочиште и била дел од процесот“,
рече министерот.
Сепак, оцени дека случајот отвора прашање дали покрај пасошите треба да се применуваат и построги мерки за лица со двојно државјанство кои се обидуваат да ја избегнат правдата.
„Многупати се покажало дека лица што се двојни државјани, особено на земја членка на ЕУ, како во случајов, а сакаат да избегаат од правдаат го прават истото што и Михаилова. За жал, ваквиот начин на заштита под плашт на хуманитарни права и себеизјаснување подрива доверба на системки поставени решенија, не само кај нас туку и секаде во ЕУ. Ако е пракса да се одзема пасош, се поставува прашање дали треба да се одземаат и лични карти и да оди и со построги мерки кога станува збор за двојни државјани“,
вели тој.
Зелената граница со Бугарија е „швајцарско сирење“
Оцени дека имаме ранлив граничен систем, односно дека и тој самиот пред две и пол години кажал дека границата со Бугарија, односно зелената гранична линија е „швајцарско сирење“.
„МВР работи на решавање на милион проблеми, што не е оправдување зошто ние досега максимално не сме се фокусирале во обезбедување на зелената граница со соодветен систем на детекција, реакција, сензори дронови, беспилотни летала, хеликоптери. Треба да се фокусираме на овој дел, но полицијата работи и тоа е опипливо за македонските граѓаните овие две и пол години“,
додаде Тошковски.
Во врска со критиките дека ваквите случаи ја нарушуваат довербата во системот, Тошковски вели и пред да стане министер имало дваесетина вакви случаи кои ја напуштале државата со цел да избегнат судски постапки.
Ги отфрли барањата на опозицијата за негова оставка и тврди дека во периодот кога таа била на власт имало повеќекратно повеќе бегства.
„Во тој период од страна на сегашната опозиција, тогашна власт имаше ракоплескања за тогашниот министер, а сега бараат оставка од овој министер. А тогаш имало петпати повеќе бегства отколку сега. И тоа во споредба со Михаилова, се Бред Пит, од аспект на значење на имињата“,
рече министерот.
Министерството за внатрешни работи (МВР) попладнево распиша централна и меѓународна потерница по Ива Михаилова откако Основниот суд во Кочани претходно ѝ одреди 30-дневен притвор.
Според претседателот на кочанскиот суд Спиро Борисов, притворот за Михаилова е одреден поради непочитување на претходно изречените мерки на претпазливост, како одземање на патна исправа и забрана за напуштање на државата.
Бугарската БТВ вчера утрото објави дека Ива Михаилова, жителка на Кочани со македонско и бугарско државјанство, ја преминала македонско-бугарската граница во придружба на адвокатот Николај Димитров од Бугарија.
Во изјава за медиумот, таа рече дека одлучила да замине за Бугарија поради влошената здравствена состојба, како и дека тоа го сторила со своите документи за лична идентификација.
