Податоците покажуваат повисока покриеност со интернет во градските средини – 93,8 отсто, во споредба со другите населени места каде што тој процент изнесува 86,4

За првото тримесечје од 2026 година, 93,7 отсто од вкупното население на возраст од 15 до 74 години користеле интернет, додека дури 91,2 проценти од домаќинствата во земјава имаат пристап до интернет од својот дом, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) за користење информатичко-комуникациски технологии (ИКТ) во домаќинствата.
Податоците покажуваат повисока покриеност со интернет во градските средини – 93,8 отсто, во споредба со другите населени места каде што тој процент изнесува 86,4.
Информациите на зачестеноста на користењето покажуваат дека 81,2 отсто од граѓаните го користат интернетот неколкупати во текот на денот. Ваквата активност е најизразена кај возрасната група од 25 до 54 години и тоа 91 отсто, а веднаш зад нив се младите од 15 до 24 години, кои 85,4 проценти се активни повеќепати дневно. Во возрасната категорија од 55 до 74 години, 63,8 отсто од лицата пристапуваат на интернет неколкупати дневно.

Според податоците од ДЗС за навиките на граѓаните при користењето на ИКТ, интернет-повици и видеоповици преку веб-камера и популарните апликации како Вибер, Ватсап, Месинџер, Скајп и Фејстиме имаат најголемо учество од 93,5 отсто.
Размената на пораки учествува со 88,4 отсто, додека учеството во социјалните мрежи со креирање профили, објави на Фејсбук, Икс и Инстаграм изнесува 88,1 процент.
Податоците покажуваат дека 69,2 отсто од корисниците пребаруваат информации за производи и услуги, додека половина од нив 50,2 проценти користат интернет-банкарство.
Околу 43 отсто од граѓаните читаат онлајн вести, весници, списанија.
Статистиката покажува дека 81,2 отсто од лицата кога било нарачале или купиле стоки и услуги преку интернет, додека 74,9 проценти го направиле тоа во последните 12 месеци. Повеќе од половината корисници 54 отсто купувале онлајн во последните три месеци.

