Во однос на бегството на Ива, премиерот ги отфрли како невистинити тезите дека таа и нејзиниот адвокат ја поминале границата на регуларен граничен премин. Рече дека таа нелегално е пренесена во Бугарија, а на кој начин точно, како што рече, истражува МВР
Мицкоски ги отфрли и наводите дека бегството на Ива било договорено со властите во Софија и ги повика да ги вратат неа и нејзиниот татко во земјава за да се соочат со правдата
И Ива Михаилова, која треба да ја докажува својата невиност, и нејзиниот татко, кој треба да одговара пред македонските власти, ќе одговараат кога-тогаш. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, првпат се произнесе за случајот со бегството на Михаилова. И Ива и татко ѝ, повтори повеќепати Мицкоски, кога-тогаш ќе одговараат.

„Жалам ако некој мисли дека на овој начин обезбедил одредена заштита, на начин на кој се обидува да ги наруши меѓусоседските односи на двете држави. Жалам што политичкото водство во Бугарија се обидува на овој начин да покаже политички мускули, а не ја сфаќа штетата која самата себеси си ја предизвикува на меѓународен план. Но, тоа е нивна одлука. Тие избрале ваква политика“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Тој изрази жалење што наместо да го испорача таткото на Михаилова во земјава за да ја отслужи казната за која е правосилно осуден, Бугарија од него прави естрадна ѕвезда. Рече дека жали и за начинот на кој младата Ива се претставува во Бугарија и покрај тоа што најголем дел од својот живот и образование ги стекнала во Македонија.
Во однос на нејзиното заминување во Бугарија, Мицкоски ги отфрли како невистинити тезите дека таа и нејзиниот адвокат ја поминале границата на регуларен граничен премин. Рече дека Михаилова на нелегален начин е пренесена во Бугарија, а на кој начин точно, истражува Министерството за внатрешни работи.
Осврнувајќи се на обвинувањата на опозицијата дека власта договорила со Бугарија заминување на Ива Михаилова од Македонија, премиерот рече:
„Тоа што опозицијата и раководството на нашиот источен сосед се на иста линија говори многу за тоа што и каква била намерата. Ниту Ива е намерата ниту било што. Намерата е да се создаде политичка тема за која тие претпоставиле дека ќе влијае на рејтингот на владејачката коалиција односно на ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин да обезбедат одреден бенефит за опозицијата која има буквално идентичен став како раководството на Бугарија.“
Мицкоски ги отфрли наводите дека бегството на Ива било договорено со властите во Софија и ги повика ги вратат неа и нејзиниот татко во земјава за да се соочат со правдата.
„Ако мислат дека на овој начин ќе си играат се лажат. Но, еве јас ја гледам македонската јавност во очи и Ви кажувам кога тогаш и едниот и другиот ќе се соочат со правдата“,
рече тој.
Инаку, таткото на Ива Михаилова, Симеон Михаилов, кој исто така е во Бугарија, е правосилно осуден на 12,5 години затвор во случајот „Детонатор“ и треба да ја издржува затворската казна во Македонија.
