Согласно статутот на СДСМ, одлуката на Димитриевски за независен настап на изборите автоматски повлекува негово исклучување од членството, велат од партискиот врв
Максим Димитриевски актуелниот градоначалник на Куманово, кој дојде на функцијата како кандидат на СДСМ, веќе не е член на владејачката партија, која денеска објави дека ќе оди со друг кандидат на претстојните локални избори. Од раководството на СДСМ велат за „360 степени“ дека одлуката за исклучување на Димитриевски ќе биде формализирана на првата седница на Централниот одбор.
Новиот кандидат на СДСМ, Оливер Илиевски, секретар на општинската организација на партијата, практично, ќе му биде противкандидат на Димитриевски, кој минатата седмица собра потписи за независен кандидат, соочен со тактизирањата на партискиот врв околу утврдувањето на кандидатурата за најголемата општина во државата. Со овој потег, Димитриевски влезе во отворен конфликт со партискиот врв.
Генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски, денеска промовирајќи го новиот кандидат за Куманово, рече дека Димитриевски сам се исклучил од партијата. Тој нагласи дека СДСМ има само еден кандидат во Куманово, алудирајќи на забелешките во јавноста дека во најголемата општина во државата СДСМ ќе се натпреварува против СДСМ на овие избори.
Од СДСМ нема засега официјален одговор од кој партиски форум потекнала иницијативата за исклучување на Димитриевски, односно дали тоа се случило на синоќешната седница на Извршниот одбор. Сепак, високи партиски извори потврдуваат дека исклучувањето е завршена работа.
„Согласно статутот на СДСМ, со ваквата одлука на Димитриевски, тој автоматски се исклучува од членството во партијата“,
велат од партиското раководство за „360 степени“, дополнително посочувајќи дека „одлуката не е формализирана, ама ќе биде потврдена на првата наредна седница на Централниот одбор“.
По сличен принцип, за време на локалните избори во 2013 година, кога лидер на СДСМ беше Бранко Црвенковски, Централниот одбор на СДСМ ги исклучи од партијата поранешниот партиски лидер и премиер Владо Бучковски, „поради политики спротивни на интересите на партијата“ и Димитар Бузлевски и Виктор Цветковски, поради независните кандидатури за градоначалници на Ресен и на Куманово. Инаку, Димитриевски не е единствениот од градоначалниците на СДСМ избрани во 2017 година кои не добија шанса за нов мандат од партијата. СДСМ реши да оди со нови кандидати во повеќе општини во земјава, за каде партискиот врв тврди дека социјалдемократите убедливо водат пред ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска СДСМ објави дека нема да им даде втора шанса на досегашните градоначалници на Центар, Струмица, Битола, Радовиш, Крива Паланка … Претходно, владејачката партија, која на минатите избори освои повеќе од две третини од општините во земјава, избра други кандидати за градоначалници и во Прилеп, Аеродром, Карпош, Велес.