На средбата со Путин се очекува да бидат разгледани прашањата што останаа отворени по разговорите во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), како и можностите за придвижување на преговорите за завршување на војната во Украина
Меѓу темите е и евентуалното вклучување на европските земји во преговарачкиот процес, на што инсистираат Вашингтон и Киев, додека Москва досега се противеше на проширување на форматот на преговорите
Авионот со специјалните пратеници на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и неговиот зет Џаред Кушнер, пристигна од Абу Даби на московскиот аеродром „Внуково“.
Двајцата денеска во Кремљ ќе се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин, по дводневните трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и Сoединетите Американски Држави (САД) во Абу Даби.

Пред средбата со Путин, американските пратеници ќе разговараат со Кирил Дмитриев, специјалниот претставник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка со странство и директор на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Дмитриев ги пречекал Виткоф и Кушнер на аеродромот „Внуково“.
На средбата со Путин се очекува да бидат разгледани прашањата што останаа отворени по разговорите во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), како и можностите за придвижување на преговорите за завршување на војната во Украина.
Меѓу темите е и евентуалното вклучување на европските земји во преговарачкиот процес, на што инсистираат Вашингтон и Киев, додека Москва досега се противеше на проширување на форматот на преговорите.
Дводневните разговори во Абу Даби завршија без значителен напредок во клучните прашања, иако беше постигнат договор за нова размена на воени заробеници. Територијалните барања и безбедносните гаранции и натаму се главните спорни точки меѓу Русија и Украина.
По посетата на Москва, Виткоф и Кушнер треба да отпатуваат во Даблин, каде што ќе се одржи деветтиот самит на Европската политичка заедница, со најавено учество на околу 50 европски лидери.
За време на самитот, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ќе има билатерални средби со европски државни и владини претставници, меѓу кои и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Се очекува Зеленски во Даблин да разговара и со американските пратеници за текот на преговорите и можностите за постигнување договор за завршување на војната во Украина.
