Тој во видеообјава на социјалните мрежи ја повикува власта, наместо за политички обвинувања, да ја искористи својата улога за да го лоцира вистинскиот виновник за пропаѓањето на Еуростандард банка и да го изведе пред суд
Бизнисменот Трифун Костовски вечерва во видеообраќање на социјалните мрежи упати критики до ВМРО-ДПМНЕ, барајќи неговото и името на, како што вели, неговата Еуростандард банка да не се користата како монета за поткусурување во меѓупартиските пресметки, а во контекст на случувањата со Алта банка.

Во објавата на неговиот фејсбук-профил Костовски ја поздравува одлуката на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески за ставање на Алта банка под привремена администрација, наведувајќи дека проблемот со оваа банка може силно да се одрази на граѓаните на државата. Но, посочува дека не може да разбере зошто владејачката партија во континуитет, според него, шири невистини поврзани со Еуростандард банка.
„Не можам да ги разберам поривот или причините зошто владејчката партија ВМРО-ДПМНЕ во континуитет шири невистини поврзани со Еуростандард банка – дека имало перење пари, дека имало незаконски трансакции од Венецуела и се споменуваат фирми кои се блиски до претходното раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев“,
вели Костовски.
Тој упати повик до владејачката партија доколку има податоци и факти против поранешните лидерите на СДСМ, Зоран Заев и Димитар Ковачевски, како и против актуелниот претседател на партијата Венко Филипче да покрене судски постапки, а не да се повикува на информации од, како што вели, истражувачко новинарство, зад кои стои непознат истражувачки новинар.
Костовски тврди дека поседува документ од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) од 5 јуни оваа година, со кој се запира истрагата за перење пари и незаконско работење во Еуростандард банка.
Според него, собраните средства во стечајната маса покажуваат оти банката не требало да оди во стечај. Ја повикува власта, наместо за политички обвинувања, да ја искористи својата улога за да го лоцира вистинскиот виновник и да го изведе пред суд.
„Дефинитивно нема да дозволам мојата банка и моето име да бидат ставени на тапет и да бидат монета за поткусурување меѓу политичките партии во нашата држава. Советувам, давам предлог на владејачката ВМРО-ДПМНЕ доколку има вистински намери да го постави прашањето зошто СДСМ не го направи истиот чекор во време на нивното владеење да ја спаси банката којашто дефинитивно денес со сите факти којшто говорат од собраните средства во стечајната маса, дека оваа банка не смеела да оди во стечај“,
вели Костовски.
Тој порачува дека им стои на располагање на институциите и на партиите да даде одговор на секое прашање со цел да се дојде до, како што наведува, вистината за стечајот на Еуростандард банка.
Премиерот Христијан Мицкоски во средата (11 ноември) за време на надзорната расправа во Собранието за Алта банка АД Битола, повлече паралела со случајот на Еуростандард банка, наведувајќи го како пример за „брутален начин на банкротирање на финансиска институција“.
Мицкоски кој сведочеше на надзорната расправа, порача дека Алта банка АД Битола нема да доживее таква судбина и потсети на скандалот кога, според него, поранешен министер за финансии од редовите на тогашната коалиција на СДСМ и ДУИ си го повлекол штедниот влог само неколку дена пред затворањето на банката.
„Тоа е брутален начин на банкротирање на една финансиска институција откако претходно нејзината ликвидност е исцрпена со издавање на кредити коишто влијаат на активата на самата банка, но и на ликвидноста на банката и компании коишто се поврзуваат со една политичка партија којашто е денеска дел од опозицијата. Но, за тоа си има судски процес којшто ќе си даде одговор на сите овие прашања и ќе видиме кои се тие компании, кои се нивните сопственици и како тие компании ја исцрпиле банката до состојба да таа преку ноќ банкротира и луѓето до ден денеска да не можат да си ги добијат парите“,
изјави Мицкоски.
Освен кон СДСМ, Мицкоски упати прашања и до опозициската партија Левица, за која тврди дека имала штеден влог од 250 илјади евра во пропаднатата Еуростандард банка.
Еуростандард банка отиде во стечај во 2020 година.
На 8 јули оваа година Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопшти дека до Основниот кривичен суд – Скопје се поднесени обвиненија против четири лица од поранешното раководство на пропаднатата Еуростандард банка АД Скопје.
Како што соопштија од ОЈО ГОКК, три лица се товарат за кривичното дело предизвикување стечај на банка, додека едно лице е опфатено со обвинителен предлог за несовесно работење во службата.
