Од Кривичниот суд Скопје денеска информираа дека две од малолетничките ќе бидат упатени на по една година, а две на по осум месеци

На четирите малолетнички против кои се водеше постапка за насилството врз 13-годишно девојче во скопската населба Ѓорче Петров им е изречена мерка упатување во воспитно-поправен дом. Од Кривичниот суд Скопје денеска информираа дека две од малолетничките ќе бидат упатени на по една година, а две на по осум месеци.
„За предметот со насилство со малолетничка од Ѓорче Петров со оглед дека се работи за малолетници деца и постапката е тајна, можам да ви потврдам дека случајот е првостепено завршен и изречена им е заводски воспитна мерка – упатување во воспитен дом, и тоа една година за две деца, а за две деца 8 месеци“,
информираат од Основниот Кривичен суд Скопје.
Одлуката сè уште не е правосилна и е во фаза на писмена изработка, по што ќе биде доставена на странките.
Случајот со врсничко насилство во Ѓорче Петров е од март годинава кога, како што рекоа од МВР, во два одделни настани, на 27 и на 30 март, пријавените физички нападнале 13-годишна малолетничка, за што се објавени видеозапис и фотографии на социјална мрежа.
За малолетничките, од кои една е 17-годишничка, а три се на возраст од 14 години МВР поднесе кривични пријави.
Во врска со случајот на разговор беа повикани 14 лица, меѓу кои имаше и родители на ученичките. Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров поднесе шест кривични пријави против родителите на малолетничките што беа вклучени во физичкиот напад.
