Во пресрет на „16 дена активизам против родово базирано насилство“, Мрежата за заштита од дискриминација, Платформа за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство до домашните институции испратија повик за мораториум на сите протоколарни, свечени, промотивни настани и симболични кампањи во услови кога, како што велат, во земјава има седум фемициди од кои последниот е врз 17-годишната девојка од Богданци
Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство побараа итни истраги за институционалното (не)постапување во сите случаи за фемицид во земјава и усвојување законски измени за спречување и заштита од насилство.
Во пресрет на „16 дена активизам против родово базирано насилство“, тие до домашните институции испратија повик за мораториум на сите протоколарни, свечени, промотивни настани и симболични кампањи во услови кога, како што велат, во земјава има седум фемициди од кои последниот е врз 17-годишната девојка од Богданци.

„Ги повикуваме Владата, Собранието, сите надлежни институции, агенциите на Обединетите нации, Европската комисија, ОБСЕ, амбасадите, меѓународните организации, донаторите, граѓанските организации и целата јавност да ни се приклучат во овој мораториум. Доста е од осветлување згради во портокалово додека жените ни умираат. Доста е од фотографирање во хотели и свечени сали, од говори за нулта толеранција и од симболични кампањи кои не го менуваат секојдневието на жените што живеат во страв. Ни требаат полицајци кои ќе реагираат навреме, социјални работници кои имаат капацитет да заштитат, обвинители и судии кои постапуваат итно, достапни услуги и институции кои ќе спречат насилникот повторно да нападне. Не ни треба држава која тагува по убиените жени. Ни треба држава која ќе ги заштити додека се живи“,
се наведува во отвореното писмо на трите граѓански организации.
Од Владата, Собранието и надлежните институции побараа итна, независна и темелна истрага за постапувањето во сите случаи на фемицид, особено во оние во кои претходно било пријавено насилство, како и утврдување индивидуална и институционална одговорност за евентуалните пропусти. Меѓу барањата се и итно усвојување на законските измени за заштита од насилство врз жените и семејно насилство, вклучително и регулирање итни мерки за заштита и употреба на посебни електронски уреди, односно алки за следење.
Дополнително, се бара враќање на поимите род и родова еднаквост во законите за образование, упатствата за заштита од насилство и програмите за сексуално образование, како и усвојување на заклучоците од надзорната расправа за родово базираното насилство со конкретни рокови за нивно спроведување.
Меѓу другото, се бара и обезбедување доволно финансиски средства и стручни кадри за полицијата, центрите за социјална работа, обвинителствата, судовите и здравствените установи, како и стабилно јавно финансирање на засолништата, кризна интервенција и психосоцијална и правна помош за жртвите.
Во отвореното писмо на трите граѓански организации посебен повик е упатен до меѓународната заедница, од која се бара да го искористi својот политички авторитет за да побара одговорност од институциите и да ги насочи средствата кон услуги и механизми што директно придонесуваат за спасување животи.
“Предлагаме овогодишните ’16 дена активизам’ да станат 16 дена на институционална одговорност, во кои ќе се донесуваат одлуки, ќе се усвојуваат закони, ќе се обезбедуваат буџети и ќе се преземаат конкретни обврски. Зашто заштитата на жените не смее да биде годишна кампања. Таа мора да биде секојдневна обврска на државата“,
велат од Мрежата за заштита од дискриминација, Платформа за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
