Сиљановска-Давкова, во своето обраќање на Самитот за климатски промени што се одржува во Анаталија, беше децидна дека домашниот буџет не може сам да поднесе товар вреден милијарди долари. Таа се повика на последниот Извештај на Светската банка за клима и развој на земјата, кој лоцира потреба од огромни финансиски инјекции за декарбонизација
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, на Самитот за климатски промени што се одржува во Анаталија, Турција, порача дека Македонија се стреми кон климатска неутралност до 2050 година, но нагласи дека за остварување на амбициозните цели е неопходна предвилива меѓународна финансиска поддршка.

Да заминеме од Анталија дури тогаш кога амбицијата ќе ја претвориме во конкретна имплементација, а солидарноста во вистински инвестиции, беше главната порака што претседателката ја упати од говорницата на Светскиот самит за климатски промени (COP31).
Пред присутните светски лидери и делегации, таа потврди дека Северна Македонија останува цврсто посветена на глобалната климатска акција, но истовремено подвлече дека промените мора да подразбираат праведна транзиција што нема дополнително да го оптовари стандардот на граѓаните.
„Десет години откако мојата земја го потпиша Парискиот договор, остануваме убедини дека климатската криза не се сведува само на управување со емисиите. Станува збор за светот што ќе им го оставиме на идните генерации. Ние сме првата генерација којашто целосно ги разбира последиците од своите избори, а можеби и последната којашто има време да го промени правецот“,
истакна Сиљановска-Давкова.
Намалување на нето-емисиите до 82 отсто со странска помош
Шефот на државата посочи дека борбата со климатските промени ја поставила како личен и политички приоритет, иницирајќи широк национален дијалог меѓу експертите, креаторите на политики и граѓанскиот сектор.
Плодот на овој процес, како што рече, е преточен во третиот Национално утврден придонес (NDC 3.0). Со овој документ е поставена цел за намалување на нето-емисиите на стакленички гасови за најмалку 80 проценти до 2035 година, со можност оваа бројка да достигне 82 отсто доколку се обезбеди соодветна меѓународна финансиска помош.
Крајната цел е целосната климатска неутралност на земјата до 2050 година, што ќе биде поставено и како правно обврзувачка норма преку претстојниот Закон за климатски акции, ажурираниот Национален план за енергетика и клима, како и Патоказот за праведна транзиција.
Праведна транзиција во сенка на енергетската криза
Претседателката предупреди дека затворањето на капацитетите на јаглен и преминот кон чисти извори на енергија не смее да ги остави луѓето на цедило, особено во услови на глобални конфликти и превирања на енергетските пазари.

„Не можеме да ја заштитиме иднината на сметка на оние кои се соочуваат со тешкотии денес. Мораме да преминеме од јаглен на чиста обновлива енергија без да го зголемиме товарот на македонските семејства коишто веќе се соочуваат со енергетска сиромаштија, несоодветно греење и загаден воздух. Транзицијата којашто ги остава луѓето зад себе, ја поништува својата цел“,
потенцираше таа, ставајќи акцент на заштитата на жените, децата и младите.
Солидарноста се мери со инвестиции, а не само со зборови
Македонија даде поддршка за повеќе глобални иницијативи презентирани на самитот, меѓу кои се Глобалната заложба за електрификација 35 на 35, Договорот од Анталија за енергетски ефикасни згради, Договорот за зелена индустријализација и Рио Синергиите.
Сепак, Сиљановска-Давкова беше децидна дека домашниот буџет не може сам да поднесе товар вреден милијарди долари. Таа се повика на последниот Извештај на Светската банка за клима и развој на земјата, кој лоцира потреба од огромни финансиски инјекции за декарбонизација.
„Мојата земја не може самата да ја финансира оваа трансформација. Нашата амбиција мора да биде усогласена со предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, технологија и силни партнерства. Солидарноста мора да се мери не само со зборови, туку и со инвестиции што им овозможуваат на земјите подготвеност да дејствуваат. Ова не е повик да ја намалиме нашата амбиција, туку истата да ја направиме остварлива“,
заклучи претседателката на држвата.
