Како што соопштија од ОЈО ГОКК, три лица се товарат за кривичното дело предизвикување стечај на банка, додека едно лице е опфатено со обвинителен предлог за несовесно работење во службата

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе обвиненија против четири лица од поранешното раководство на пропаднатата „Еуростандард банка“ АД Скопје.
Како што соопштија од ОЈО ГОКК, три лица се товарат за кривичното дело предизвикување стечај на банка, додека едно лице е опфатено со обвинителен предлог за несовесно работење во службата.
Според обвинителниот акт, во периодот од 2013 до втората половина на 2019 година, првите тројца обвинети, што ги извршувале функциите претседател на Управниот одбор, претседател на Кредитниот одбор и претседател на Одборот за управување со ризици, постапувале спротивно на Законот за банките и интерните акти на банката.
„Со одобрување кредити на кредитно неспособни и поврзани правни лица, без соодветни анализи и обезбедување, со прикривање на реалната финансиска состојба и ризиците, како и со неточно известување до Народната банка, придонеле за значително влошување на финансиската состојба на ’Еуростандард банка’“,
се наведува во соопштението.
Обвинителството потенцира дека со ваквото постапување тие ја довеле банката во стечај, а доверителите да бидат оштетени во износ од 1 662 417 664 денари.
Четвртообвинетиот во овој предмет, кој во истиот повеќегодишен период од 2013 до 2019 ја извршувал функцијата претседател на Надзорниот одбор на банката, се товари за несовесно вршење на своите овластувања и пропуштање на должен надзор.
Според обвинителниот предлог, тој постапувал спротивно на законските обврски и овозможил одобрување на нефункционални кредити, преземање прекумерни кредитни ризици и неточно прикажување на финансиската состојба. Неговото пропуштање придонело за создавање видлива несолвентност, намалување на сопствените средства на банката и нејзино доведување во стечај по сила на закон.
