СДСМ досега утврди 51 кандидат за градоначалник за претстојните избори. Но се уште не е утврден кандидатот за најголемата општина во земјава, во која сите изминати години социјалдемократите победуваа на избори
Димитриевски денеска објави дека ќе оди на избори како независен кандидат
Актуелниот градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски, кој најави дека ќе се кандидира за нов четиригодишен мандат како независен кандидат, објави дека веќе го собрал потребниот број граѓански потписи за независната кандидатура.
„Според последните информации што ги добив во 13 часот, потписите на поддршка од граѓаните за нов четиригодишен мандат како градоначалник на Куманово се веќе собрани. Им благодарам на сите граѓани кои ме поддржаа и веруваме дека и во наредните четири години ќе продолжиме со упорната работа да го менуваме ликот на Куманово и да го забрзаме неговиот развој“,
изјави Димитриевски.
Тој рече дека очекува поддршка, па и од неговата СДСМ, а на прашањето дали очеку можеби да биде исклучен од партијата, рече дека партијата има статут, и не би сакал да шпекулира со тоа.
Димитриевски утрово ја поднел кандидатурата до локалната единица на ДИК.
„Благодарен сум што кумановци излегуваат да се потпишат за мојата независна кандидатура, процедурата е отпочната, а во текот на денот ќе одржам и прес-конференција со повеќе детали“,
изјави Димитриевски за 360 степени денеска претпладне.
Според најавите, на престојните локални избори Димитриевски ќе настапи и со независна листа на советници, а носителка ќе биде жена.
„Потегот на Димитриевски го олеснува изборот на граѓаните. Тој што им врти грб на граѓаните, на поддржувачите на демократската и прогресивната опција, на членството и базата на СДСМ, не може да биде најдобра опција за кумановци.За СДСМ, интересот на граѓаните на Куманово бил и секогаш ќе биде пред интересот на Максим Димитриевски или бил чиј др уг личен интерес“,
реагираа од СДСМ.
СДСМ досега утврди 51 кандидат за градоначалник за претстојните избори. Но се уште не е утврден кандидатот за најголемата општина во земјава, во која сите изминати години социјалдемократите победуваа на избори.
Кога беше избран за градоначалник, на 15 октомври 2017 година, Димитриевски ја напушти пратеничката функција. Но, во екот на пандемијата, минатата година, кога Куманово беше најголемо жариште на ковид-19, дојде до несогласувања на Димитриевски со раководството на СДСМ, како и со тогашната техничка влада, на чело со Оливер Спасовски. За недоразборања со Димитриевски се зборуваше и по неодамнешниот конгрес на СДСМ, кога кумановскиот градоначалник не влезе во листата на кандидати што ја подготви Заев за членови на новиот Централен одбор на партијата.