Доколку не биде одложено поради некакви околности, првото рочиште од главната расправа утре треба да почне со воведни зборови. Прво нив ќе ги има јавниот обвинител, кој пред судот треба да ги опише делата за кои се товарат обвинетите, по што ќе следува нивно произнесување во однос на обвинението и дали се чувствуваат виновни или не. Следни со воведни зборови треба да се произнесат адвокатите на обвинетите
Утре претпладне во Основниот кривичен суд Скопје треба да започне судскиот процес против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште седум лица, обвинети за злоупотреби во „Државна лотарија“.

Почетокот на судењето е закажан во 10 часот, а предметот ќе го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
Кривичен за стартот на судењето информира истиот ден, 13 август, кога и Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека против експрвиот вицепремиер и другите осомничени е покренато обвинение.
Доколку не биде одложено поради некакви околности, првото рочиште од главната расправа утре треба да почне со воведни зборови. Прво нив ќе ги има јавниот обвинител, кој пред судот треба да ги опише делата за кои се товарат обвинетите, по што ќе следува нивно произнесување во однос на обвинението и дали се чувствуваат виновни или не. Следни со воведни зборови треба да се произнесат адвокатите на обвинетите.
Тоа во кратки црти е она што се очекува на првото рочиште.
Она што е извесно е дека утре во Кривичен нема да се појави првообвинетиот во предметот, ексдиректорот на „Државна лотарија“, Прпарим Бајрами, кој е сè уште во бегство и по него се трага со меѓународна потерница.
Кога станува збор за обвинението, треба да се напоменат три моменти. Првиот е дека скопското обвинителство го поднесе девет дена пред да истече рокот до кога тоа можеше да биде направено, а во спротивно на Груби требаше да му биде укинатата мерката куќен притвор на 22 август, односно вчера. Вториот момент е дека не станува збор за обвинителен акт, туку за обвинителен предлог, што налага скратена постапка во рамките на која домашниот притвор на ексвладиниот функционер може да му биде продолжен за 60 дена, односно за уште два месеца, сметано од 13 август.
Третиот момент, кој предизвика и најголемо внимание, е што наместо за проневера во службата, обвинетите сега се гонат за друго кривично дело, злоупотреба на службената положба и овластување, кое предвидува поблага казна.
Имено, според членот 354 од Кривичниот законик за проневера во службата, за што првично се товареше Груби, сторителот кој ќе прибави значителна имотна корист се казнува од најмалку 4 години до максимални 20 години затвор.
Со новиот член по кој се гони, доколку Обвинителството докаже вина кај Груби за злоупотреба на службената положба и овластување, казната е максимални 5 години затвор. Станува зборот за фамозниот член 353, за кој медиумите анализираа дека теоретски остава простор за Груби да добие условна казна.
Во објаснувањето за промената на правната квалификација на делото, од Основното јавно обвинителство Скопје се повикаа на доказите до кои дошле во текот на истражната постапка и кои, како што соопштија оттаму, се разликуваат од првичните сознанија.
„Истрагата доведе до докази за друго дело. Јавниот обвинител не е обврзан со правната квалификација на поведената истрага или поднесената пријава. Обвинението се темели на доказите прибрани во текот на истрагата“,
рекоа од ОЈО Скопје.
Инаку, кога кон крајот на 2024 година се отвори истражна постапка, Обвинителството соопшти дека ексвицепремиерот Артан Груби, иако знаел дека барањето за набавка на ВЛТ-терминали е противзаконско, оти Лотарија не може самостојно да приредува електронски игри на среќа, во својство на вицепремиер претседавал со седница на Владата во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка. На седницата била усвоена информацијата и „Државна лотарија“ била задолжена да ги преземе активностите за да започне самостојно да приредува електронски игри на среќа и да ги набави потребните видеолотариски терминали.

За проневера во службата тогаш беше осомничен и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами. Обвинителството бараше притвор за двајцата, додека за уште четворица осомничени за злоупотреба на службената положба се бараа мерки на претпазливост.
Сега, според поднесеното обвинение, вкупно 8 лица се гонат како соизвршители за кривичното дело злоупотреба на службената положба. Меѓу нив е и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски. Обвинителството ги товари дека во текот на 2023 и 2024 заеднички презеле дејствија со кои ги пречекориле границите на своите посебни овластувања и должности и со намера на „Државна лотарија“ ѝ нанеле штета од 8,2 милиони евра.
Инаку, како и Прпарим Бајрами, и Груби, кој е второобвинет, повеќе од една година беше во бегство. Тој ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага, а успеа да излезе од државата и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“.
Дома, тој се врати на 23 февруари оваа година, кога се појави на граничниот премин „Блаце“. Тој беше приведен од полицијата и спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари на издржување на мерката притвор што му беше претходно определена. Сепак, во „Шутка“ се задржа само неколку часа. Беше спроведен во Основното јавно обвинителство Скопје, кое предложи, а судот прифати на бегалецот наместо затворски да му биде одреден куќен притвор. Објаснувањето на Обвинителството за ваквата одлука беше дека Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле оти во притворското одделение на затворот „Скопје“ не може да се гарантира безбедноста на Груби, а деталите за ова биле презентирани и пред судијата на претходна постапка.
За потсетување, Груби непосредно откако ја напушти државата, во објава на социјалните, мрежи тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово наведувајќи дека штом ги заврши обврските ќе се врати дома.
Матичната партија на Груби, Демократската унија за интеграција (ДУИ), реагираше по поднесувањето на обвинението оценувајќи го како политичко. Оттаму реагираа и за долгата истрага од која, како што рекоа, не произлегле докази.
