Обвинителството бара на Груби, кој е второобвинет, да му биде продолжен куќниот притвор, што му е определен заедно со мерката на претпазливост – привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница

Поднесено е обвинение против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште седуммина за злоупотреби од околу 8,2 милиони евра во „Државна лотарија“, информираа денеска од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
Обвинителството бара на Груби да му биде продолжен куќниот притвор, кој му е определен заедно со мерката на претпазливост – привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница.
За првоосомничениот во случајот, Прпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Државна лотарија“, кој е во бегство речиси една година, јавниот обвинител бара да му биде определена мерка притвор во траење од 30 дена од пронаоѓањето.
За останатите обвинети се предложени мерки на претпазливост – повремено јавување во суд, привремено одземање на пасошите и забрана за приближување или контактирање со одредени лица.
Според обвинението, обвинетите во текот на 2023 и 2024 година ги пречекориле границите на своите службени овластувања, иако знаеле дека АД „Државна лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали. Ова право уште во 2013 година било вложено како непаричен влог од 6,2 милиони евра во основањето на задничката компанија „Државна видеолотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА“, каде АД „Државна лотарија“ поседува 51 отсто од уделот.
Во описот од Обвинителството се наведува дека првообвинетиот, генерален директор и претседател на УО на АД „Државна лотарија“, на 9 мај 2023 година до генералниот секретар на Владата доставил информација за самостојно приредување електронски игри на среќа. Во неа навел дека набавката изнесува 42 отсто од сметководствената вредност на имотот на друштвото и претставува „голема зделка“, за која одобрување треба да даде Надзорниот одбор.
Генералниот секретар на Владата (Методија Димовски, н.з.), на 6 јуни 2023 година, спротивно на Деловникот за работа, ја ставил информацијата како дополнување на дневен ред на владина седница, наместо да ја врати или препрати до надлежниот орган.
Потоа, се додава во описот од ОЈО, второобвинетиот (Артан Груби, н.з.), како одговорно лице со реално влијание во раководењето на „Државна лотарија“, претседавал со тогашната владина седница во својство на собрание на Државната лотарија и предложил точката да се усвои, иако знаел дека таквата одлука не е во надлежност на Владата.
„Доставената информација била усвоена и Акционерското друштво за приредување игри на среќа ‘Државна лотарија на Република Северна Македонија’ било задолжено да ги преземе потребните активности за започнување на самостојно приредување на електронски игри на среќа и спроведување на јавна набавка на видеолотариски терминали“,
додаваат од Обвинителство.
Останатите обвинети, претседател и членови на Надзорниот одбор, иако знаеле дека процедурата е прекршена, ја одобриле спорната јавна набавка на видеолотариски терминали, со што биле преземени финансиски обврски кои ја предизвикале милионската штета.
Инаку, до 22 август годинава беше законски рок до кога Обвинителството требаше да подигне обвинение за ексвицепремиерот Артан Груби, а во спротивно мерката куќен притвор ќе беше укината.
Груби, по повеќе од една година бегство, на 23 февруари годинава се врати во земјава на граничниот премин „Блаце“, по што беше приведен од полицијата и спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари на издржување на мерката притвор што му беше претходно определена. Сепак, во Шутка се задржа само неколку часа. Беше спроведен во Основното јавно обвинителство Скопје, кое предложи, а судот прифати на бегалецот наместо затворски да му биде одреден куќен притвор.
Објаснувањето на Обвинителството за ваквата одлука беше дека Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле оти во притворското одделение на затворот „Скопје“ не може да се гарантира безбедноста на Груби, а деталите за ова биле презентирани и пред судијата на претходна постапка.
Со кривичната пријава на МВР за случајот „Државна лотарија” беше опфатен и тогашниот премиер Димитар Ковачевски, но Обвинителството ниту отвори истрага за него, ниту тој е дел од обвинението.
