Тргувањето во првите неколку часа покажа дека инвеститорите сè уште се поделени околу тоа во која насока точно се движи вештачката интелигенција. Цената на акцијата веднаш скокна на 111,53 долари, со што вредноста на компанијата се доближи до речиси два билиони долари, но до крајот на денот падна и затвори на 97,17 долари
Излегувањето на берза на компанијата која стои зад популарниот чет-бот „Клауд“ (Claude) се смета за клучен тест за целата технолошка индустрија, со оглед на огромните суми пари што се слеваат во развојот на вештачката интелигенција (ВИ)
Компанијата за вештачка интелигенција „Антропик“ (Anthropic) стана една од највредните компании во светот откако нејзините акции почнаа да се тргуваат на берзата „Насдак“, со што нејзината пазарна вредност достигна околу 1,76 билиони долари, пренесоа светските медиуми.

Излегувањето на берза на компанијата која стои зад популарниот чет-бот „Клауд“ (Claude) се смета за клучен тест за целата технолошка индустрија, со оглед на огромните суми пари што се слеваат во развојот на вештачката интелигенција (ВИ).
Акциите на „Антропик“ експресно ја надминаа почетната цена од 83 долари, покажувајќи го големиот ентузијазам на пазарот. Сепак, во месеците што следуваат компанијата ќе биде под лупа во очекување одговори на главното прашање што ја мачи индустријата: „дали сето ова навистина се исплати?“, наведува Би-би-си.
Осцилации уште на првиот ден
Тргувањето во првите неколку часа покажа дека инвеститорите сè уште се поделени околу тоа во која насока точно се движи вештачката интелигенција. Цената на акцијата веднаш скокна на 111,53 долари, со што вредноста на компанијата се доближи до речиси два билиони долари, но до крајот на денот падна и затвори на 97,17 долари.
Иако денот заврши со раст од околу 17 отсто за „Антропик“, остатокот од технолошкиот сектор не помина толку добро. Технолошкиот индекс „Насдак композит“ (Nasdaq Composite) падна за речиси 2,3 отсто, а акциите на технолошките гиганти исто така забележаа пад. „Алфабет“, матичната компанија на „Гугл“ падна за 2,9 отсто, додека „Амазон“ загуби речиси 3,9 отсто од вредноста.
Страв од финансиски балон и поуката од „Спејс-екс“
Инфраструктурниот развој околу вештачката интелигенција е еден од најскапите потфати во историјата на технологијата. Само во последната година, неколку големи технолошки компании потрошија над еден билион долари. Брзината со која растат овие инвестиции ги засили стравувањата од создавање финансиски балон.
„Балоните не пукаат на денот на најголемата зделка. Тие пукаат подоцна, кога позитивната иднина ќе стане сомнителна“,
вели Ричард Витл, економист на Универзитетот во Салфорд, за британскиот национален сервис.
Иако основите на технологијата постојат со децении, помоќните компјутери овозможија обработка на огромни количини податоци, што доведе до појава на чет-ботови кои симулираат човечки говор, пишуваат софтверски код и генерираат слики. Токму тоа го лансираше „Антропик“ – компанија основана пред само пет години.
Како прва компанија фокусирана исклучиво на вештачка интелигенција што излегува на берза, „Антропик“ речиси сигурно ќе се соочи со сериозни осцилации на цената, смета Бен Баринџер, раководител на технолошки истражувања во „Квилтер Шевиот“ (Quilter Cheviot). Тој потсетува на примерот со „Спејс-екс“ (SpaceX) на Илон Маск претходно годинава, чии акциите скокнаа за 10 отсто на првиот ден (достигнувајќи рекордна вредност од 2,2 билион долари), но за еден месец паднаа под почетната цена.

Иако повеќето технолошки компании бележат пад по првичниот берзански влез, најчесто по првите квартални извештаи, гиганти како „Мета“, „Амазон“ и „Гугл“ подоцна станаа најпрофитабилните корпорации во светот. Проблемот со „Антропик“ е што е прва од ваков вид на берзата.
„Нема очигледен конкурент со кој би можеле да ја споредиме. Ќе се обидеме да процениме дали вреди 1,7 билиони долари, но мислам дека никој навистина не знае“,
вели инвестицискиот стратег Нил Вилсон од „Саксо УК“ (Saxo UK).
Политички притисоци и дилемата за безбедноста
Врз идното движење на акциите ќе влијаат и најавите за нови закони. Во САД, каде што е седиштето на компанијата, демократите од 2027 година ќе имаат поголема моќ во институциите, а дел од нив веќе најавија построги правила за безбедноста на ВИ-алатките.
Сепак, на федерално ниво засега нема волја за такво нешто. Американскиот претседател Доналд Трамп, говорејќи на самитот на АПЕК (APEC) во Кина заедно со кинескиот и рускиот претседател, Си Џинпинг и Владимир Путин, го повтори ставот против „каква било форма на строга регулација“.
„Искрено, нема да дозволиме тоа да се случи“,
рече американскиот претседател.
Истиот ден, пак, двопартиска група американски конгресмени формираше Комитет за безбедност и иновации во ВИ.
Инаку, еден од главните поттикнувачи на ваквите дебати е токму раководството на „Антропик“. Извршниот директор и коосновач Дарио Амодеи во повеќе наврати предупредуваше дека идните системи на вештачка интелигенција би можеле да станат толку моќни што ќе ги надмудрат луѓето, па дури и да доведат до истребување на човештвото.
